Северен регион на Норвешка бара деноноќието да трае 26 часа

Финмарк, најсеверниот регион на Норвешка, побара од Европската комисија да одобри воспоставување временска зона со 26-часовно деноноќие, пишува „Политико.

Планот кој бил предложен од локален градоначалник во Арктичкиот круг, има за цел да ги промовира локалните вредности и да го зголеми времето посветено на семејството. 

Во своето писмо до Европската комисија, која потврди дека го добила барањето, локалните власти од регионот Финмарк бараат ЕК да им „нареди“ на норвешките власти да одобрат создавање временска зона со 26-часовен ден наместо 24-часовен ден.

Градоначалникот на таа област, Венче Педерсен смета дека со продолжување на должината на денот, повеќе луѓе ќе бидат инспирирани да се преселат во нивниот регион.

„Преку нашиот проект, имаме за цел да го прославиме и промовираме овој уникатен начин на живот, нудејќи им на поединците можност да уживаат во повеќе квалитетно време. Ни се допаѓа нашиот начин на живот и мислиме дека тоа би можело да биде многу возбудливо, особено за семејствата со мали деца“- вели Педерсен во својата изјава за „Политико“.

Но според официјален претставник на Европската комисија, временските зони се прашање на самите земји, така што веројатноста дека ЕУ ќе може да го исполни барањето на регионот е многу мала.