Најави за директна авио линија од Македонија до Саудиска Арабија

Министерство за транспорт ја започна постапката за склучување Спогодба за воздушен сообраќај со Кралство Саудиска Арабија, со цел воспоставување редовни авиолинии меѓу двете држави. Досега меѓу Македонија и Саудиска Арабија не се одвивал директен воздушен сообраќај.

Од Министерството информираат дека Спогодбата ќе создаде јасна правна рамка за работа на авиопревозниците, обезбедувајќи либерални и фер услови на пазарот. Се очекува тоа да поттикне поголема конкуренција, пониски цени за патниците и воведување нови и поквалитетни услуги. Истовремено, договорот ќе гарантира високо ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај, во согласност со меѓународните стандарди од областа на цивилното воздухопловство.

Од ресорното министерство нагласуваат дека Македонија и Саудиска Арабија негуваат пријателски односи и имаат заемна заложба за унапредување на економската и трговската соработка, зголемување на инвестициите и продлабочување на соработката во повеќе области од заемен интерес.

Се очекува воспоставувањето на редовни авиолинии да придонесе за зголемување на економската активност, туристичките текови и трговската размена, како и за зајакнување на севкупните билатерални односи.

Министерството за транспорт во наредниот период ќе ги преземе сите неопходни чекори за започнување на официјалните процедури и усогласување со националните прописи и меѓународните стандарди, со цел што побрзо регулирање и воспоставување на воздушниот сообраќај меѓу двете земји.