Хаос на британските аеродроми откако стотици летови беа откажани поради компјутерска грешка

Поради техничка грешка во системите на контрола, 500 летови беа откажани вчера во Британија што предизвика хаос во авиосообраќајот и проблеми за стотици илјади патници кои патуваа на продолжен празничен викенд.

Оние кои се враќале од одмор или луѓето кои сакале да отпатуваат надвор од Велика Британија се соочуваа со откажани летови или доцнења и по 12 часа откако полетувањата и слетувањата беа запрени поради компјутерска грешка. Патниците се предупредени дека проблемите со летовите може да продолжат и во следните денови.

Одреден број летови можеле да сообраќаат, но системите за авионска контрола биле драстично ограничени додека инженерите се обидувале да го лоцираат и да го решат проблемот. Бидејќи контролорите морале рачно да ги внесуваат плановите за летовите, околу 500 летови биле откажани, додека други доцнеле по повеќе часови, по што националниот контролор на воздушниот сообраќај (Натс) соопшти дека го идентификувале и работат на отстранување на проблемот.

Патниците на британските аеродроми и низ Европа биле оставени во неизвесност, со пореметени планови за патувањата, додека авиопревозниците не можеле да потврдат дали и кога нивните летови ќе полетаат.

Невообичаено долгиот системски проблем се очекува да предизвика нарушување на авиосообраќајот во следните неколку дена.

„Бритиш Ервејс“ најави дека патниците кои требале да патуваат во понеделникот или вторникот ќе можат да ги поместат своите летови бесплатно, додека аеродромот „Хитроу“ вчера ги повика патниците да доаѓаат на аеродромот само доколку добијат потврда дека нивниот лет сообраќа.

Аеродромот „Гатвик“ во соопштение за јавноста информираше дека ќе функционира со нормален распоред на летови, но ги советува патниците да го проверат статусот на нивниот лет пред да дојдат на аеродромот.