Поради субвенционирањето авиосообраќајот во Европа е и до 30 пати поевтин од железничкиот, велат од Гринпис

Нискобуџетните летови во Европа и скапите билети за возовите промовираат лоши форми на транспорт, велат активистите кои реагираат на „скандалозните“ субвенции со кои се охрабруваат луѓето да ја загреваат планетата додека одат на своите летни дестинации.

Билетите за железнички превоз се двојно поскапи од летовите на исти дестинации во просек, се наведува во анализата од Гринпис објавена денес. Активистите направиле споредба на цената на билетите за 112 дестинации во девет различни дена. За да се стигне од Лондон до Барселона, тие откриле дека транспортот со воз може да ги чини луѓето дури 30 пати повеќе од качувањето на авион.

Туристичките дестинации низ Европа неделава се „варат“ во смртоносни жештини, кои се влошуваат поради стакленичките гасови кои се ослободуваат при согорувањето на фосилни горива.

„Авионски билети од 10 евра се можни бидејќи другите, како работниците и даночните обврзници ја плаќаат вистинската цена. За доброто на планетата и луѓето политичарите мора да ја свртат оваа ситуација наопаку, и да го направат железничкиот превоз поевтина опција“, вели Лорели Лимусин, климатска активистка од Гринпис.

Летањето е една од активностите на луѓето кои најмногу загадуваат. За разлика од јадењето хамбургер или возењето автомобил, кои имаат поеколошки алтернативи како растителни оброци и електрични возила, не постои начин да се лета без да се менува климата. Експертите ги критикуваа програмите со кои наводно се надоместуваат емисиите од летањето како проблематични.

Активистите од Гринпис утврдија дека патувањето со воз е поскапо во просек од летањето на 79 од 121 анализирани дестинации. На голем дел од овие дестинации имало поединечни денови кога билетите за воз биле поевтини од авионските, но просечната цена била повисока.

„Генерално студијата е добро направена и ја опфаќа сложеноста на системите како што е времето на резервација. Овие податоци не се изненадувачки, бидејќи авиосообраќајот е силно субвенциониран“, вели Стефан Гослинг, професор на Универзиетот Лине во Шведска, кој ги проучува емисиите од авионскиот сообраќај.

Во Европа авионите не плаќаат даноци на керозинот и имаат мали даноци на билетите или данокот на додадена вредност.

„Накратко – ако летате, тогаш сте субвенционирани, доколку патувате со воз, тогаш сте казнети со повисоки цени, а дополнително и фактот што патувањето вообичаено е подолго“, додава Гослинг.

Авиоиндустријата е одговорна за околу 2,5% од глобалните јаглеродни емисии, но истовремено ослободува и други гасови кои дополнително ја загреваат планетата.