Наградени три „најГЛАСни!“ ученички заедници од три средни училишта

Кога училиштата поддржуваат и поттикнуваат „ГЛАСни“ ученички заедници, имаме активни и мотивирани ученици подготвени да преземат активно учество во демократските процеси и да бидат носители на промени во образовниот систем, но и во општеството. Ова можеше да се заклучи од тридневниот настан доделување на наградата за средношколско учество – „најГЛАСни!“ , кој се одржа од 29 до 31 март во Скопје и Велес, во организација на фондацијата Конрад Аденауер, Здружението ЛЕАД и Сојузот на средношколци на Северна Република Македонија.

На настанот учество зедоа претставници  на 7 училишта како финалисти, составени од по 3 ученици и еден наставник, кои беа  избрани на отворен повик. Во рамките на активностите, беше посетено Собранието на РСМ каде учениците имаа можност да дискутираат и разменат искуства со младите пратеници во рамките на Клубот за младински прашања и да се запознаат со функцијата на оваа институција.

„Клубот за младински прашања и политики е партнер на младите. Преку ваквите настани сакаме да пратиме порака дека младите имаат поддршка во процесот на креирање и носење на одлуки” изјави Моника Зајкова, пратеничка и претседателка на Клубот за младински прашања.

Останатите два дена учениците ги разработуваа нивните акциски планови за имплементирање на училишни иницијативи, кои потоа беа презентирани пред тричлено стручно жири.  .

Врз основа на претходно дефинирани критериуми и потенцијалот на училишните иницијативи комисијата селектира 3 училишта за победници кои добија по 10.000 денари за имплементација на нивната иницијатива во своите училишта. СУГСГ „Орце Николов„ – Скопје, СОУ „Коста Сусинов“ – Радовиш и ОСУ „Св.Климент Охридски„ – Охрид добија признание за „најГЛАСни“ ученички заедници.

Организаторите беа задоволни од интересот за учество во настанот кој за првпат се одржува и ќе продолжи во иднина да ги наградува најдобрите училишни заедници.

„Наградата овозможува поттикнување на демократското учество на учениците во рамки на училиштата како темелна европска вредност. Демократското учество е многу важно за создавање на свесни граѓани кои потоа ќе бидат активни чинители и ќе придонесуваат во општеството“ изјави Даниел Браун, официјален претставник на Канцеларијата за Северна Македонија

 „Преку наградата за средношколско учество сакаме да дадеме наш поттик и придонес за средношколското учество во нашата земја, но и да ги препознаеме, наградиме и поддржиме позитивните примери во делувањето на средношколците“ изјави Иван Јованов извршен директор на ЛЕАД.

Наградата за средношколско учество – „најГЛАСни!“ се доделува од страна на Фондација Конрад Аденауер и Здружение Лидери за едукација, активизам и развој и Сојузот на средношколци на РСМ. Наградата претставува признание за активноста и работата на средношколските заедници во насока на унапредување на положбата на учениците во своите училишта и вклучување во училишните процеси.