Над 700 ликовни дела од млади уметници ќе бидат изложени на „Мал битолски Монмартр“

Меѓународното стручно жири на „Малиот битолски Монмартр“ ги додели годинешните победници на ликовниот конкурс за изложбата „Битола 2022“.

На конкурсот, кој беше распишан на 10 септември, а траеше до 20 февруари 2022 година, пристигнале дела од 450 училишта, со над 22.500 цртежи од 40 земји од Европа до Азија.

„Стручното жири од вкупниот број пристигнати творби на конкурсот од 20.000 млади ликовни уметници за 40-тата јубилејна Меѓународна изложба на детски ликовни творби ‘Битола 2022’ избра 777 дела а истата ќе биде отворена на 23.05.2022 година во просториите на Националната детска ликовна галерија ‘Монмартр’ и ќе трае се до крајот на тековната година“, информираат организаторите.

Па така, добитник на наградата „Гран-при 2022“ е „Ателје Вејсел Акар” од Турција. Почесната награда „Коста Хаџи-Антоновски” за долгогодишно учество, соработка и придонес ја освои Ирина Кручинина од Русија.

Исто така, наградата „Проф. д-р. Богомил Карлаварис” за животно дело ја доби Светлана Вешиќ Ралевиќ од ликовното ателје „Артино“ од Србија.

Инаку, Меѓународното стручно жири во 8 категории за 40-тата јубилејна Меѓународна изложба на детски ликовни творби „Битола 2022″ додели вкупно 432 награди.