На полуостровот Рејкјанес во југозападен Исланд денеска еруптираше вулкан по неколку недели на интензивни земјотреси на подрачјето.
Околу 4.000 луѓе од претходно се евакуирани од рибарскиот град Гриндавик, а геотермалната бања „Плава Лагуна“ која се наоѓа во близина е затворена.
Ерупцијата започнала на северот од градот во 22:17 часот по локално време, соопштија од Метеоролошката организација на Исланд, пренесе Би-Би-Си.
Според експертите оваа ерупција нема да направи проблем како што беше во 2010 година, кога поради вулканската прашина беше сопрен европскиот авиосообраќај.
Регионот околу главниот град Рејкјавик имаше засилена сеизмичка активност од крајот на октомври. Метеоролозите велат дека ерупцијата била лоцирана околу 4 километри североисточно од Гриндавик и дека сеизмичката активност се движи кон градот.
Фотографиите и видеата објавени на социјалните мрежи покажуваат лава како извира од вулканот само еден час по серијата земјотреси. Ерупцијата можела да се види од Рејкјавик, кој се наоѓа на околу 40 километри североисточно од Гриндавик.
Исланд неколку недели е на готовност од можна вулканска ерупција, а минатиот месец властите наредија превентивно да се евакуира населението во Гриндавик. Досега не се пријавени повредени лица од ерупцијата.
Во април 2010 година, облак од пепел од ерупцијата на вулканот Ејафјалајокул предизвика најголемо затворање на европскиот авионски сообраќај од Втората светска војна и според проценките предизвикала загуба во вредност од 1,5 до 2,5 милијарди евра.