Над 1.500 учесници на денешната еко-акција „Мој Охрид, чист Охрид“

Повеќе од 1.500 учесници се најавени за првото издание на големата еко- акција за чистење на крајбрежјето на Охрид „Мој Охрид, чист Охрид“, која ќе се одржи денес од 10 часот.

Според организаторите, интересот е голем и охриѓани масовно се пријавиле за учество.

„Оние кои ќе бидат спречени да дојдат на лице место, нека направат своја ‘мини акција’ во домовите, зградите, фирмите и секаде каде се во можност. Организирани се сите технички делови на акцијата и извршена е детална координација со одговорните во ЈП ‘Охридски комуналец и општина Охрид. Се` е подготвено за првото издание на акцијата и се надеваме дека ќе имаме убаво време и успешна акција“, соопштуваат организаторите.

Инаку, преку големата еко-акција „Мој Охрид, чист Охрид“ се предвидува да се чисти на потегот од населбата Воска до хотелот „Десарет“, поделен на 9 реони.

Првиот реон е комплетно чистење на плажата кај Воска. Следен е Стариот град, па потегот од мостот до плажата „Golden beach“, потоа „Славија“ и до хотелите „Аквалина“, „Гранит“, „Метропол“, па до плажа „Атлантис“, и последниот реон е до Пештани и хотел „Десарет“.

„За сите учесници се обезбедени вреќи, вода и ракавици, а посебни екипи на охридскиот Црвен крст со медицински ранци ќе се при рака при евентуални поситни повреди. Исто така е обезбеден превоз со автобуси на АД ‘Галеб’ до подалечните плажи (тргнувањето е од пред ОУ ‘Григор Прличев’ на булевар ‘Туристичка’ од 9 до 10 часот). На крајот на акцијата, вработените во ЈП ‘Охридски Комуналец’ ќе го соберат ѓубрето и ќе го однесат на соодветна локација“, соопштуваат организаторите.