#НаЧас : Каква настава им треба на учениците

Како да се сврти интересот на учениците кон одреден предмет, дали новото време бара и нови методи на настава, што сакаат учениците, а што добиваат од наставниците? Ова се дел од прашањата за кои ќе дискутираме на првата во серијалот од десет дискусии за подобро образование насловени „На час“, која ќе се емитува во четврток, на Радио МОФ.

Гости во студиото на Радио МОФ ќе бидат професорите Стефан Сидовски и Анка Каевска, средношколката Андријана Пејчиновска и Игор Јуруков, раководител на одделение за истражување, развој и системски прашања од Бирото за развој на образование.

Дискусиите „На час“ – за подобро образование ќе се емитуваат секој четврток, во 13 часот. Притоа ќе се стримаат во живо, со аудио пренос на Радио МОФ и видео пренос на нашата Фејсбук страница. За сите прашања, коментари и забелешки активен на Твитер ќе биде и хаштагот #НаЧас.

Периодот кој следи наговестува дека ќе се случуваат многу значајни промени во образованието, а со цел да се добие видливост и отвори дебата на предложените политики го започнуваме овој тематски серијал посветен на образованието.  Радио МОФ е младински медиум кој ги има како главен фокус: студентските и средношколските права, студентскиот стандард и создавањето на политики во образованието. Токму затоа, опширното, сликовито и сеопфатно информирање на јавноста за теми поврзани со образованието и животот на учениците и студентите го сметаме за еден од приоритетите.

Серијалот „На час“ е финансиран и се спроведува во партнерство со Фондација Отворено општество – Македонија.