Во текот на денешниот ден, односно, на вториот ден од предвремените парламентарни избори, правото на глас го искористиле најмалку 9.330 лица.
Од категоријата немоќни и болни лица, правото на глас го искористиле 7.861 лице, а овие податоци, како што посочи портпаролот на Државната изборна комисија Адмир Шабани, ќе се докомплетираат кога одредени општински изборни комисии ќе ги пријават своите податоци, а во текот на утрешниот ден најавено е дека ќе бидат објавени податоците во целост.
Во домовите за вонсемејна грижа гласале 234 лица, во затворите гласале 1.235 лица, а се уште се чека на податоците од Казнено поправната установа Прилеп.
Вчера пак, гласаа вкупно 723 лица кои се заболени од Ковид-19 или се наоѓаат во самоизолација.
Утре продолжува гласањето во земјава, односно, се одржува гласањето за сите останати граѓани. Гласачките места ќе се отворат во 7 часот, а гласањето ќе трае се до 21 часот.
Граѓаните ќе избираат меѓу кандидатите на 15 коалиции и партии. Право на глас имаат 1.814.263 граѓани запишани во Избирачкиот список.
Изборни нерегуларности може да се пријават на телефонскиот број на ДИК и нивната мејл адреса, односно, на 0800 555 44 или izbori@sec.mk.
Од Хелсиншкиот комитет за човекови права, претходно ги известија граѓаните дека имаат можност да пријават евентуални прекршувања на нивното избирачко право и во Комитетот, на телефонските броеви (0)2 3119 073 и 072 278 436, или на helkom@mhc.org.mk, за време на гласањето на предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.
За пријавување нерегуларности при изборниот процес исто така останува отворена и бесплатната телефонска линија на Народниот правобранител на бројот 0800 54321. Оваа телефонската линија ќе функционира секој работен ден од 08 до 16 часот и по пријавите на граѓаните ќе се постапува веднаш, по примениот повик или снимената порака.