Гласале 723 лица заболени од Ковид-19 и во самоизолација

Денеска гласале вкупно 723 лица кои се заболени од Ковид-19 или се наоѓаат во самоизолација, ова го покажуваат статистиките објавени на веб-страницата на Државната изборна комисија (ДИК). За гласањето биле пријавени 823 лица, утврдено дека треба да гласаат биле 759 лица, а 36 лица воопшто не гласале.

Од денешното и утрешното гласање, гласачките ливчиња остануваат запечатени во пликоата кои се наоѓаат во гласачките кутии, а првичните резултати се очекуваат по гласањето во среда.

За прв пат, поради пандемијата, на овие избори се гласа три дена, а утре ќе гласаат немоќните и болни лица, хронично болните, времено раселените лица, лицата згрижени во посебни установи за вонсемејна грижа, како и затворениците.

Еден ден подоцна, односно на 15-ти јули, се одржува гласањето за сите останати граѓани, кога гласањето ќе започне од 7 часот и ќе трае се до 21 часот.

Граѓаните ќе избираат меѓу кандидатите на 15 коалиции и партии. Право на глас имаат 1.814.263 граѓани запишани во Избирачкиот список.

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права ги известија граѓаните дека имаат можност да пријават евентуални прекршувања на нивното избирачко право и во Комитетот, на телефонските броеви (0)2 3119 073 и 072 278 436, или на helkom@mhc.org.mk, за време на гласањето на предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.

За пријавување нерегуларности при изборниот процес исто така останува отворена и бесплатната телефонска линија на Народниот правобранител на бројот 0800 54321.

Оваа телефонската линија ќе функционира секој работен ден од 08 до 16 часот и по пријавите на граѓаните ќе се постапува веднаш, по примениот повик или снимената порака.