„На Точак“ бара велосипедски буџет за Скопје за 2022

Во пресрет на гласањето на Предлог Буџетот на Град Скопје во среда, иницијативата „НаТочак“ испрати писмо до градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, советниците и стручните служби од администрацијата во кое се потсетува на 11 предлози за буџетски ставки кои иницијативата смета дека треба да се опфатени во Буџетот, а се во насока на справување со актуелната здравствена, климатска, економска, па и енергетска криза.

Од „НаТочак“ велат дека очекуваат поддршка од сите советници во опфаќање на предлозите во форма на амандмани, а секторите да ги вклопат предлозите во своите програми и начин на работа.

Единаесетте предлози претходно беа изнесени на Граѓанскиот буџетски форум организиран од Зелен Хуман Град во месец ноември и веднаш потоа беа испратени до Градоначалничката и Советот, доволно рано за да иницираат и влијаат на измени во конструирање на Предлог Буџетот на главниот град. Ова е трета година по ред граѓанската иницијатива да испраќа предлози при планирање на Буџетот на Градот кои се однесуваат на зајакнување на правата и безбедноста на пешаците и велосипедистите, по 2020 и 2021 година кога беше дополнително предложена и финансиска конструкција. Досега, во Буџетот за 2021 година беше прифатен само еден предлог кој се однесува на набавка и инсталирање на бројачи на велосипедски сообраќај, но истиот не беше реализиран.

„Испратените предлози иако се однесуваат примарно на пешачки и велосипедски сообраќај и безбедност, имаат силни импликации врз идеите од останатите предлагачи, Тие се во склоп со енергетската независност, справување со аерозагадувањето, трансформацијата на градски објекти и простори и пристапноста, бидејќи придобивките во една сфера од еден предлог се прелеваат на други сфери. На пример, еден од предлозите на НаТочак за акција за спуштање на рабниците на сите булевари низ градот е во целост во линија со потребите на лицата со хендикеп и може да се третира и како заеднички со организациите кои ги застапуваат нивните права“, велат од иницијативата.

„На Точак“ посочуваат дека досега добиле вербална поддршка за идејата за пешачко и велосипедско Скопје од повеќето партии, но, за да се покаже дека тие визии се навистина во план за реализација, мора да бидат преточени во буџетски ставки, бидејќи само буџетот, а не зборовите, е реална слика за аспирациите и плановите на градот. Наведените 11 предлози се целосно во согласност со веќе донесениот „План за унапредување на велосипедскиот сообраќај 2019-2021“, донесен од Град Скопје во септември 2019 година.

На истиот ден со гласањето на Предлог Буџетот на Град Скопје, велосипедистите во 17.30 часот од Плоштад „Македонија“ ќе ја возат и последната „Критична маса“ за оваа година под слоганот „Милион желби, еден Велоград“. Никогаш целосно реализиран, желбата за Скопје Велоград, останува нивна желба и заложба и во наредната 2022 година.

Предлозите се разработени на следниот ЛИНК

Потсетувањето до сите советници е на следниов ЛИНК