„На прав пат сме“, вели Министерот Адеми за ПИСА резултатите според кои С. Македонија е претпоследна во регионот

„Одличен показател дека сме на прав пат“ вели Министерот за образование Арбер Адеми коментирајќи ги резултатите од ПИСА истражувањето кои беа објавени денеска, според кои Северна Македонија, и покрај подобрувањата во резултатите, останува една од најслабите земји во Европа според тестирањето на средношколците во читање, математика и природни науки.

Министерот посочи дека ПИСА резултатите дале вистинска слика за тоа каде се наоѓа нашиот образовен систем на глобалната карта и колку македонските ученици се оспособени да го применуваат своето знаење. Според него, учениците покажале капацитет, потенцијал и добар напредок низ воспитно-образовниот процес.

Последното тестирање покажа мало подобрување во споредба со последното ПИСА тестирање од 2015 година, но Северна Македонија и понатаму се наоѓа меѓу најслабите земји од Европа кои учествувале во истражувањето. Од европските држави, земјава е подобро рангирана само од Косово и Грузија, а на идентично ниво е со Баку (Азербејџан) и Казахстан. Покрај овие земји, од сите држави кои биле дел од истражувањето, Северна Македонија има подобри резултати уште од Филипини, Доминиканската Република, Индонезија, Мароко, Либан и Панама.

„Не можеме преку ноќ, во период од три години, да бидеме во првите десет земји во светската ранг-листа, но ова е значителен напредок споредувајќи со резултатите од 2015 по сите области. Северна Македонија е втора земја по направениот скок во резултатите. Ова е одличен показател дека се движиме на прав пат и секако дека треба да продолжиме во континуитет“, рече Адеми. „Замислете да остваревме полош резултат? Која ќе беше тогаш пораката? Сигурно многу лоша“, рече Адеми.

Тој додаде дека новите закони, особено промените во основното образование допрва ќе вродат со плод, додавајќи дека резултатот од тестирањето треба да ги радува граѓаните на Северна Македонија.

„Ова покажува дека во сите области имаме значителни унапредувања на резултатите. Односно подобрување на постигањата на учениците. Ценам дека тоа е плод на суштинските промени кои се направени во изминатиот период во областа на образованието, преку еден инклузивен пристап со учество на сите засегнати чинители. Особено ќе го издвојам воведувањето на новите наставни програми и учебници со значително подобрена содржина во основното образование, по повеќе предмети. Подобра координација помеѓу образовните институции, како и мерките кои ги преземаме за стимулација на креативноста и мотивираноста за работа кај наставниците“, рече министерот Адеми.

Новите ПИСА резултати покажаа дека С. Македонија се наоѓа на 67-то место од 77 земји во светот според читање. 67-мо место од 78 држави и провинции во математика и 63-то место од 78 земји во природни науки. На тестирањето пред четири години, земјава беше меѓу последните пет земји во сите три категории кои се тестираат.

Македонските ученици малку подобри, но остануваат меѓу најслабите на ПИСА тестирањето