Утре, 29 јули, од 19 до 20:30 часот, паркот во населбата Капиштец ќе биде домаќин на уште едно издание на манифестацијата „На одмор сум, во Центар сум“ – настан кој се одржува години наназад и нуди забава, интеракција и креативност на отворено за децата и родителите.
„Организирана од Општина Центар и издавачката куќа „Паблишер“, програмата е наменета за деца на возраст од 2 до 8 години, но добредојдени се сите генерации. Настанот се одвива со јасна цел – да се создаде простор за квалитетно и активно детско слободно време во урбаното јадро на Скопје“, се вели во соопштението.
Како што најавуваат организаторите, Капиштец ќе биде трансформиран во детски простор на фантазија, со низа активности распоредени во неформални зони. Програмата вклучува креативни работилници, цртање, бојадисување, интерактивни игри, потрага по „изгубено богатство“, читање сликовници и доделување награди – сè со цел децата да се мотивираат, забавуваат и развиваат низ игра.
„Најмалите ќе имаат можност да се запознаат со омилените ликови Стела и Сани, да уживаат во настапот на пантомимичар со препознатливото ‘бело лице’, како и да се смеат и играат под водство на актерот Мартин Јорданов од Театарот за деца и младинци“, додаваат тие.