Фестивалот „When in Krusevo“ годинава ќе се одржи по седми пат

Од 30 јуни до 02 јули годинава по седми пат ќе се одржи летниот фестивал „When in Krusevo“ кој обединува музика, спорт и култура.

Фестивалот официјално ќе биде отворен на 24 јуни со настап на Дани Димитровска и нејзиниот бенд. Останатите денови музичката програма на отворено ќе ја надополнат Funk Shui, Shorty P, Dj Patsis, Dj Bapchu, Estephano, Totsilly.

Фестивалската програма во спортскиот дел предвидува тандем параглајдинг летање од Мечкин Камен, искачување на вештачка карпа, јавање на коњи, кајак и пловење со SUP даски.

„За љубителите на планинскиот велосипедизам има тура од 20 километри и планинска велосипедска трка, додека за истражувачите на планинските убавини планинарска тура од 10 километри. Оваа година ќе се одржи и улична трка од 5 километри, како и trail трка, а за гурманите се спрема саем за храна и пијалоци“, информираат организаторите.

За најмладите е подготвено детско катче, а обезбедена е и камп зона на Крушевското езеро за оние кои имаат желба да преноќат во шатор.

Билетите за фестивалот се по цена од 500 денари и може да се набават тука, а со секоја купена карта се добива 50% попуст на спортските активности и влезници за Спомен куќата на Тоше Проески, Македониумот како и Галеријата Никола Мартиновски.

Повеќе информации може да се најдат на веб-сајтот на фестивалот.