Богата програма на активности во Драмски театар во среда, по повод Светскиот ден на театарот

Драмскиот театар Скопје со низа активности за различни целни групи ќе го одбележи 27 март, Светскиот ден на театарот.

Програмската активност започнува со организирана посета на театарот од страна на неколку групи на ученици од основните училишта. Учениците ќе имаат можност да се запознаат со сите аспекти од работењето на театарот.

Вечерта, од 18 часот ќе се одржи промоција на Монографијата за Ристо Стефановски, основачот на Драмски театар фоајето на театарот. Промотор на монографското издание ќе биде Искра Гешовска теоретичарка на книжевност и уметност. Актерите Александар Степанулески, Предраг Павловски, Маја Вељковиќ-Пановска и Јована Спасиќ пред посетителите ќе прочитаат делови од книгата.

„Програмската активност продолжува со именување на големата театарска сала во Сала Ристо Стефановски со што неговиот влог во развојот на театарот не се препушта на заборавот и станува потсетник и за идните генерации. Именувањето на големата театарска сала е во 19.00 часот“, соопштуваат од Драмски театар.

Во 20 часот ќе се изведе театарската претстава „Мојот маж“ во режија на Нела Витошевиќ.

„Пред почетокот на претставата ќе се прочитаат и две пораки по повод Светскиот ден на театарот и тоа, македонската порака изготвена од театарскиот режисер Коле Ангеловски и светската порака за денот на театарот од Јон Фосе, норвешки писател, драматичар, драматург и добитник на Нобеловата награда за книжевност“, велат од Театарот.

Влезот на претставите „Мојот маж“ во режија на Нела Витошевиќ на 27 март и „Пикник на фронтот“ во режија на Андреј Цветановски на 4 април, ќе бидат бесплатни. Резервација и подигнување на бесплатните билети за овие две претстави ќе се реализира преку билетарницата на Драмски театар Скопје.