МЗШВ: Жените земјоделки добиваат платено отсуство за мајчинство

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) денеска соопшти дека Владата донела одлука со која се усвоила предлог-Програмата за обезбедување социјална сигурност за жените кои вршат земјоделска дејност.

Со ваквата програма, од МЗШВ велат дека за прв пат се решава правото на користење на надоместок за мајчинство за земјоделките, за време на спреченост на вршење на земјоделската дејност поради раѓање, што не е опфатено со прописите за платено породилно отсуство од областа на работните односи на земјоделките.

„Со усвојувањето на оваа програма, ќе започне реализацијата на посебна мерка за финансиска поддршка во износ од 81.000,00 денари за деветмесечен надоместок за мајчинство. За да нема злоупотреби, битно е јасно да се разграничи дека целната група која ќе ја имаа оваа поддршка се жените кои имаат статус на осигуреник Индивидуален земјоделец, стекнат согласно Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кои законите од областа на работните односи не ги препознаваат како лица во работен однос, поради што не можат да остварат платено породилно отсуство. Жените кои статусот на Индивидуален земјоделец го стекнале согласно Законот за вршење на земјоделска дејност, се вработени лица и тие го остваруваат правото на платено породилно отсуство“, посочуваат од Министерството.

Тие истакнуваат дека финансиска поддршка за надоместок за мајчинство, ќе се доделува на жена која родила дете во периодот од 1 декември 2022 до 1 декември 2023 година и ги исполнува условите:

  • Да е запишанa во единствениот регистар на земјоделски стопанства  како носител или член на семејно земјоделско стопанство;
  • семејното земјоделско стопанство во кое членува, да остварило финансиска поддршка согласно Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2021 година во износ од најмалку 100.000 денари или остварен приход од вршење на земјоделска дејност во висина од најмалку 300.000 денари;
  • да има непрекинат статус на осигуреник Индивидуален земјоделец согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување, во времетраење од 12 месеци пред раѓање на детето.

Програмата е изработена на иницијатива и во директна соработка со земјоделките кои работат и живеат во рурални средини и остваруваат приход од земјоделска дејност, а досега не примале платено породилно отсуство, додаваат од МЗШВ.

Мрежата за заштита од дискриминација во декември минатата година излезе со предлог-решение за проблемот со немањето право на платено породилно отсуство за земјоделките. Тогаш, тие посочија дека 1.075 жени регистрирани како индивидуални земјоделци немаат право на платено породилно отсуство.

Дополнително, тие посочија дека тие се здравствено осигурани и имаат редовна обврска да плаќаат здравствено и социјално осигурување, но дека не можат да пристапат до правото на платен надоместок за отсуство од работа поради бременост, раѓање или мајчинство.

Земјоделките произведуваат храна за сите и одгледуваат генерации, а немаат платено породилно отсуство