МЗ: 64 оздравени и 22 новозаразени од Ковид-19 во изминатите 24 часа

Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека Институтот за јавно здравје регистрирал 64 оздравени пациенти.

Во изминатите 24 часа, пак, потврдени се 22 нови случаи на Ковид-19, односно, регистрирани се 13 случаи во Скопје, седум во Тетово и два случаи во Прилеп.

„Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 1664, бројката на оздравени пациенти е 1200, на починати е 91, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 373“, стои во соопштението на МЗ.

Од МЗ соопштуваат дека на  Инфективната клиника во Скопје нема прием на нови пациенти. Таму моментално се хоспитализирани 42 пациенти, од кои 20 на кислородна поддршка и двајца пациенти на механичка вентилација.

Во болницата „8-ми Септември“ се примени пет нови пациенти, а вкупно се хоспитализирани 18 лица. Од нив, на респираторна машина се четири пациенти, а уште четири се со потешка клиничка слика.

Досега во земјава се направени вкупно 19.241 тестирања на Ковид-19, додека во изминатото деноноќие се направени 145 теста.