МВР отвори бесплатна телефонска линија за анонимно пријавување журки со кои се кршат здравствените протоколи

Непосредно пред новогодишните празници, Министерството за внатрешни работи отвори бесплатна телефонска линија на која граѓаните анонимно ќе можат да пријават журки и организирани славења по викендици и изнајмен простор.

Миинстерот Оливер Спасовски во своето гостување во Утрински брифинг на Слободна ТВ, ги повика граѓаните да помогнат пријавувајќи вакви случаи на бројот 0800 00 201 и со тоа како што истакна, да бидат партнери во спречувањето на ширењето на вирусот.

„Полицијата ќе постапи по пријавите и ќе преземе мерки во координација со јавното обвинителство за санкционирање на непочитувањето на мерките и препораките кои произлегуваат од Законот за заштита на населението од заразни болести односно Одлуките кои ги носи Владата на Република Северна Македонија“, стои во соопштението на МВР.

Спасовски најави и поригорозни контроли за празниците во насока на почитување на мерките за заштита од ширење на коронавирусот.

Викендов, соопшти тој, извршиле 1 300 контроли, а прекинале 15 забави и откриле дрога и оружје.