МВР до Обвинителството: За дивоградбата кај „Мавровка“ има основ за кривично гонење

Министерството за внатрешни работи соопшти дека го известиле Основното јавно обвинителство поради сомненија за кривично дело „бесправно градење“ во врска со дивоградбата пред трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје.

„По исрцпување на сите истражни мерки и активности во насока на откривање и документирање на кривично – правниот настан,  денеска 07.08.2020 (петок), од страна на СВР Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал до Основното јавно обвинителство Скопје беше поднесен соодветен акт од сите досега преземени мерки и активности во врска со кривично-правниот настан „бесправно градење“, кој што се однесува на членот 244-а од Кривичниот законик“, информираа од МВР.

Од Министерството додаваат дека СВР Скопје и понатаму ќе продолжи со активности во врска со дивоградбата кај „Мавровка“ за утврдување на елементи на постоење основи на сомнение за сторени кривични дела.

По реакциите на јавноста за дивоградбата кај „Мавровка“, градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, на пресконференција соопшти дека инспекциите утврдиле дека на локацијата се одвиваат работи за изградба на објект, без претходна дозвола. Сепак соопшти и дека немаат информации кое е лицето кое бесправно гради, па инспекторите решението за уривање го доставиле на „непознат сторител“.

Бидејќи лицето не ја урна дивоградбата самоиницијативно, Општина Чаир распиша повик за фирми кои би ја срушиле дивоградбата кој пред два дена заврши без да се пријави ниту една компанија.

Од општината најавија дека ќе биде распишан нов повик.