Ниту една фирма не се јави на тендерот за рушење на спорниот објект кај „Мавровка“

Истече вчера повикот на Општина Чаир за поднесување понуди од фирми што би го рушеле бесправно изградениот објект кај ТЦ „Мавровка“. Комисијата за јавни набавки денеска требаше да ги разгледува понудите, па постапката е поништена и од општината најавуваат нов тендер.

Тендерската постапка за доставување понуди ќе трае 7 дена. Од Општината велат ако овој пат тендерот е успешен, најдоцна за еден месец, имајќи ги предвид роковите за жалби, ќе може да се интервенира.

„Ги повикуваме сите фирми да се јават на тендерот и да достават понуди, бидејќи немаме дадено никакви посебни критериуми. Тендерската документација е како на сите општини кои објавуваат вакви тендери и на кои се пријавуваат фирми за уривање“, велат од Општина Чаир за sdk.mk.

Инаку, засега останува непознато името на инвеститорот на дивата градба кај бивша „Фонтана“, каде во мај за време на полицискиот час изгоре терасата на локалот, по што стартуваше изградбата на спорниот објект.

Инспекција на Чаир кога била на вонреден надзор, констатирано беше дека „се одвиваат работи за изградба на еден објект, без претходна дозвола“. Инспекторите ги затекнале само мајсторите, па затоа решението за уривање беше доставено на „непознат сторител“. Решението беше објавено и во Службен весник.

Меѓувремено и МВР извршија инспекција и констатираа дека објектот нема дозвола за градба.

На оваа градба реагираше и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов кој побара соодветна реакција од општина Чаир и од државниот инспекторат.