Во паркот „Фредерик Шопен“ во скопската населба Кисела Вода, младите ќе можат да дознаат повеќе за младинското учество преку забава со стенд-ап комедија и музика.
На 24 август, четврток, ќе се одржи настанот „Промената доаѓа од младите“, во организација на Центарот за младински активизам „Крик“.
Со почеток во 19 и 30 часот, преку стенд-ап настапот на уметниците Изабела Пан и Радо Алексовски, присутните ќе може да слушнат за тоа што е младинско учество, зошто е важно и зошто е важно да се биде дел од него.
По стенд-ап настанот, ќе следува музички настап на бендот „Live Wire“.
„Целта на проектот ‘Промената доаѓа од младите’ е активно вклучување на младите од Кисела Вода во развојот на својата општина. На проектот се вклучија 20 млади со типичен развој или попреченост поделени во 5 групи направија мапирање на прашањата кои ги засегаат младите во општина Кисела Вода и истите спроведоа свои иницијативи. Произлезените резултати од иницијативите беа адресирани до соодветните инситуции како чекор кон решавање на младинското прашање“, велат организаторите.