МТСП: Се изнајде решение за зголемување на платите на 3.200 вработени во УКИМ

За 3.200 вработени во Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) се изнајде решение за зголемување на платите, информира денеска Министерството за труд и социјална политика (МТСП).

Министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски оствари средба со ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова и нејзиниот тим, заедно со претставници на синдикатот, при што се изнајде решение за признавање на поединечниот колективен договор на УКИМ, а со тоа и зголемување на нивните плати.

„Ги повикувам ресорните министерства, Министерството за образование и наука и Министерството за финансии да изнајдат брзо решение за признавање на колективниот договор и зголемување на платите на вработените во Универзитетот”, рече министерот Велковски.

Од МТСП инфомираат дека се работи за поединечен колективен договор, за кој потписниците, согласно член 231 став 3 од Законот за работни односи имаат обврска да го известат министерството за неговото потпишување, што во конкретниот случај е и направено.

„Бидејќи потписниците на колективниот договор склучен помеѓу Собранието на РСМ и УКИМ постапиле согласно предвиденото во Законот, по однос на ваквиот вид на договор, МТСП смета дека нема правна пречка во однос примената и понатамошно постапување по истиот“, велат оттаму.