СОНК и МОН се договорија да преговараат уште 10 денови

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) вечерва информираше дека во рамките на десетдневниот рок за помирување одржале уште една средба со Министерството за образование и наука (МОН), со цел усогласување на платите на вработените во основното и средно образование, со порастот на минималната плата на национално ниво.

„На средбата, неминовен беше заклучокот дека двете страни на колективниот работен спор имаат потреба од поголем временски период од 10 дена, под покровителство на назначениот помирувач од Министерството за труд и социјална политика, а во рамките на рокот согласно член 27 од Законот за мирно решавање на работните спорови, со оглед на фактот што преговорите се движат во нагорна линија“, соопшти СОНК.

Двете страни ја утврдиле содржината на Препораката, според која, велат од СОНК, продолжуваат преговорите помеѓу СОНК и МОН за уште 10 дена.

„Со оваа Препорака, предвидено е во дополнителните 10 дена да се утврди процентот за усогласување на платите на горенаведените дејности, како и дефинирање на крајни рокови за склучување на новите колективни договори за основно и средно образование“, инфомираат од Синдикатот.

Од таму посочуваат дека содржината на препораката се утврдува со цел во понатамошните преговарања да не се почнува одново, туку од таму каде што е постигната согласност, за да се изнајде отпимално решение на страните, во насока на одговорно разрешвање на настанатиот спор.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска изрази верување дека ќе има договор, исто како што верува дека разговорите со репрезентативниот синдикат за Општ колективен договор ќе имаат резултат.

„Во рамките на разговорите со помош на медијација се разгледуваат сите опции кои се однесуваат за зголемување на платите на наставниците, но и воведување на методологија за раст на платите“, истакна Ковачевски во рамки на отворениот ден за приказ на воздухоплови, дел од вежбата „Swift Response 22″.

Премиерот рече дека се разговара и за зголемување на ефикасноста и на перформансите на образованието.

„Да не заборавиме дека на ПИСА тестирањата како држава имавме лоши резултати и тоа треба сите заедно да го унапредиме и државата, Министерствата и наставниците“, нагласи Ковачевски.

Покрај преговорите со синдикатите, тој потенцираше дека се дадени задачи на Министерството за информатичко општество заедно со министерствата и синдикатите да се изготви нов закон за плати каде ќе се отстранат, како што рече, сите неконзистентности кои се имаат насобрано во секторот за плати во изминативе 30 години.

Инаку, штрајкот на просветните работници започна на 11 април. Претходната недела лидерот на СОНК објави дека штрајкот во образованието е ставен во мирување. СОНК бараше зголемување на платите за 18,5 отсто, односно нивно усогласување со минималната плата која од март се зголеми на 18.000 денари и дополнително минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места. Владата понуди 12 отсто повисоки плати, за што беше постигнат начелен договор.

Во меѓувреме се случија и протести пред СОНК, каде наставници и разни просветни работници изразија незадоволство дека одлуката да се стави штрајкот во мирување е донесена без нивна согласност. Меѓу присутните тврдеа дека основната причина за штрајкот не се бараните 18%, туку достоинството на наставниците и донесувањето на колективниот договор.

Според членството на СОНК насобрано пред Синдикатот, меѓу другото, во колективниот договор се бара патни трошоци, како за сите други административци. Се бара да се исплати и дополнителен процент на наставниците кои работат со децата на инклузија.

Бојан Шашевски