Мрежа „Стела“: Институциите не смеат да молчат пред последниот случај на фемицид во Штип

Последниот случај на фемицид во Штип, во кој беше убиена 79 годишна жена, покажува дека родово базираното насилство не е приватна и семејна работа, туку општествен проблем што бара промена на свеста и поширока општествено-институционална акција и одговорност, реагираат денеска во Мрежа „Стела“, по последниот случај за кој извести МВР вчера, а во кој жртва е жена, пренесува агенцијата Мета.мк

74 годишна жена е свирепо убиена од 74 годишен маж, кој поради длабоки љубовни недоразбирања и патолошка љубомора ја држел жената затворена против нејзина волја во неговиот дом, а потоа ја убил и ја закопал во дворот. Обвинетиот бил убеден дека жената го изневерува и дека го манипулира, а таа љубоморна опсесија полека прераснала во насилство. Фемицидот не е приватна работа, туку криза што бара итна реакција“, велат во Мрежа „Стела“.

Оттаму потсетуваат дека секоја смрт на жена само затоа што е жена, покажува дека насилството влече корени од родови стереотипи, предрасуди, дискриминација, долгогодишен молк и слаба реакција на институциите.

Вчера, СВР Штип во соработка со одделот за криминалистичка полиција при БЈБ поднесе кривична пријава против Д.А (74) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „убиство” по член 123 и “противправно лишување од слобода” по член 140 од Кривичниот законик.

Toj се сомничи дека во домот во кој живее во Штип без нејзина волја ја држел Б.Н.(79) од Штип, а потоа со остар предмет и нанел убодни рани од кои починала, по што телото го закопал во дворот.

„На 24 октомври во СВР Штип, Д.О.(84) од Штип пријавила дека од домот се оддалечила нејзината сестра Б.Н. По преземени мерки, а поради сомнение дека противправно ja држел во неговиот дом, на 10.11.2025 со судска наредба бил извршен претрес во неговиот дом и биле пронајдени и одземени повеќе предмети и траги од крв. По претресот, тој бил лишен од слобода и му била изречена мерка притвор во траење од 96 часа и бил спроведен во Казнено-поправната установа Затвор Куманово“, беше наведено во соопштението на МВР.