Можност за креативно изразување на младите преку проектот VoiceUp

Под мотото – “Сликни. Сними. Сподели.”, вчера беше најавен новиот проект VoiceUp, поддржан од УСАИД Македонија,  кој ќе ги поттикне младите креативци во Македонија активно да се ангажираат во создавањето на нови содржини и нивна промоција преку социјалните медиуми.

Проектот VoiceUp, е насочен кон сите млади заинтересирани за создавање постери, фотографии, музика, кратки филмови и секакви аудио, визуелни и аудио-визуелни содржини преку кои ќе одекне нивниот глас, став, мислење и идеја за сите прашања кои ги засегаат нив и нивното опкружување.

Проектот ќе се одвива во неколку фази во кои се предвидени и еднодневни средби за пренос на знаење во пет градови низ Македонија – Битола, Свети Николе, Скопје, Гостивар и Куманово.  За време на овие настани, учесниците ќе имаат можност да се стекнат со алатки за промоција на сопствените идеи преку социјалните медиуми, да се запознаат со моќта која социјалните медиуми ја имаат во денешното општество, и да научат како да ги реализираат своите замисли поврзани со теми кои нè допираат сите нас, преку аудио, визуелни и аудио-визуелни форми.  Меѓу другото, за време на проектот ќе се снима и документарен филм кој премиерно ќе биде прикажан на завршниот настан, што ќе биде сублимат на сè она што било сработено од страна на учесниците.

VoiceUp ќе има посебна веб платформа на која ќе можат да се најдат сите содржини изработени од учесниците и која ќе овозможи пристап до туторијали и форум преку кои, учесниците ќе можат да разменуваат знаења и директно да контактираат со самите ментори.

Проектот се реализира во соработка со Меѓународниот Славјански Универзитет „Г. Р. Державин“, Еуро Колеџ – Куманово, Центарот на култура АСНОМ во Гостивар и бројни невладини организации од цела Македонија.

Повикот за учесници на проектот е сè уште отворен за сите оние кои се на возраст од 18 до 35 години (со можност за прифаќање и на апликации од апликанти постари од 35 години).