МОН: Во тек е аплицирање за субвенциониран студентски оброк за студентите кои досега не го оствариле правото

Од денеска е отворена можноста за аплицирање за субвенциониран студентски оброк за студентите кои поради било каква причина не се пријавиле или не го оствариле правото преку претходните повици, соопшти Министерството за образование и наука (МОН).

Крајниот рок за пријавување преку порталот Е-услуги на МОН е 7 ноември.

По завршување на рокот за пријавување, кандидатите кои ги исполниле условите ќе бидат известени за тоа преку порталот каде ја поднеле својата апликација. додаваат од МОН.

Потоа, додаваат дека е потребно да се регистрираат на активната онлајн платформа на Шпаркасе Банка со која МОН склучи нефинансиски договор за реализација на мерката и да ги ажурираат своите податоци на https://netbanking.mk/studentPortal, по што ќе добијат информација преку СМС за точното време и место за потпишување на договор за отворање на посебна сметка и за подигнување на наменскaта студентскa Виза картичкa за субвенциониран оброк.

„Секој апликант кој има потреба од непосредна поддршка при аплицирањето може да се обрати на следниот контакт: so.us@mon.gov.mk или во наменската канцеларија на приземјето во зградата на министерството. Студентите кои ќе го остварат ова право, средствата во износ од 140 денари дневно можат да ги користат од понеделник до сабота, за купување храна во маркети, пекарници, ресторани и други правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна“, велат од МОН.

Од ресорното министерство потсетуваат дека можноста за аплицирање ќе биде отворена и секој нареден месец, од први до седми, за студентите кои претходно не го оствариле правото поради било каква причина.