60% од студентите ги подигнале картичките за субвенциониран студентски оброк, МОН ги повика останатите да постапат поскоро

Околу 60% од студентите кои ги исполниле условите ја подигнале наменската платежна картичка за субвенциониран студентски оброк преку која единствено можат да се користат средствата кои им следуваат, соопшти Министерството за образование и наука (МОН), според информациите на „Шпаркасе банка“.

Од ресорното министерство упатија и апел до сите останати студенти кои сè уште не постапиле согласно дадените насоки, да го сторат тоа поскоро.

„Потребно е задолжително да се регистрираат на активната онлајн платформа на ‘Шпаркасе Банка’ и да ги ажурираат своите податоци на https://netbanking.mk/studentPortal. Потоа, ќе добијат информација преку СМС за точното време (најрано 24 часа од моментот на ажурирањето на податоците) и место за потпишување на договор за отворање на посебна сметка и за подигнување на наменскaта студентскa Visa картичкa за субвенциониран оброк“, посочија од МОН.

Средствата во износ од 140 денари дневно, од МОН потсетија дека ќе можат да се користат од понеделник до сабота, за купување храна во маркети, пекарници, ресторани и други правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна.

Министерството за образование и наука потсети и дека аплицирањето за ова право за кандидатите кои ќе се стекнат со статус на студенти во академската 2023/2024 година и кои не го запишале летниот семестар, трае од 27 септември до 2 октомври годинава.

„Секој апликант кој има потреба од непосредна поддршка при аплицирањето може да се обрати на следниот контакт: so.us@mon.gov.mk или во наменската канцеларија на приземјето во зградата на министерството“, додаваат од МОН.