МОН: Одговори на најчесто поставуваните прашања за финансиска поддршка за ученици, продолжен е рокот за аплицирање

Министерството за образование и наука (МОН) соопшти дополнителни информации во врска со аплицирањето за финансиска поддршка на ученици. Во продолжение интегрално ги пренесуваме дополнително објавените насоки од МОН наменети за основците и средношколците:

– Родителите/старателите кои се приматели на гарантирана минимална помош од државата, при аплицирање за остварување на правото на финансиска поддршка за своите деца – ученици, како доказ за средствата кои ги добиваат, доставуваат само РЕШЕНИЕ за добивање на гарантираната минимална помош издадено од Центарот за социјални работи.

– Родителите/старателите кои не се во работен однос, немаат обврска да достават потврда од Агенцијата за вработување, туку треба да достават извод од сите лични трансакциски сметки за претходен месец како доказ дека не постојат приходи по основ на плата (доколку не доставуваат решение за примање на гарантирана минимална парична помош).

– Родителите/старателите кои не поседуваат трансакциски сметки, даваат своерачна изјава дека не поседуваат трансакциска сметка и истата НЕ ТРЕБА да биде заверена на нотар. Потоа министерството врши проверка на податоците.

– За учениците чии родители не се во брак, информираме дека изјава пополнува само родителот на кој со судска одлука му е доделено правото на старателство, без да се достави писмена согласност од другиот родител. Ова важи и за децата од вонбрачни заедници, изјава и податоци доставува само едниот родител.

– Правото на финансиска поддршка од 1200 денари за основци, односно 1800 денари за средношколци им следува и на учениците од приватните училишта кои имаат верификација за работа од Министерството за образование и наука.

Од МОН додаваат дека рокот за аплицирање е продолжен до 25 декември (понеделник). Дополнително, оттаму велат дека е продолжен и рокот за аплицирање за финансиски надомест за превоз за студентите кои живеат надвор од местото на студирање, исто до 25 декември. Студентите треба да аплицираат само електронски со наведените документи во повикот без да прикачат пријава/изјава.