120.000 млади опфатени со новиот пакет антикризни мерки, најави премиерот Ковачевски

120 илјади ученици и студенти ќе добиваат поддршка во следната половина година преку новиот пакет антикризни мерки кои ги усвои Владата, соопшти вчера премиерот Димитар Ковачевски.

За основците и средношколците од ранливи категории семејства (со примања до 50.000 денари) предвидено е во наредните шест месеци да добиваат по 1.200, односно 1.800 денари месечно. Ковачевски посочи дека со оваа мерка ќе бидат опфатени над 105 илјади ученици, а од Буџетот ќе се издвојат 14,3 милиони евра.

Паралелно, 15.000 студенти кои живеат надвор од местото на студирање ќе имаат можност да добијат ваучер за превоз. Во следните седум месеци овие студенти ќе добиваат ваучери во износ од 600 до 1.200 денари, а за оваа мерка предвидени се 2 милиони евра од Буџетот.

„Помагаме на сите за надминување на потешкотиите во услови на зголемени трошоци на живот, како и во услови кога имаме продолжени ефекти од енергетската криза. Истовремено, преку економски оправдани политики, ја осигуруваме макроекономската и фискалната стабилност на државата. Тешките времиња бараат и тешки одлуки“, рече Ковачевски на пресконференцијата на која го најави новиот деветти пакет антикризни мерки.

Покрај младите, со мерките се опфатени и 74.000 социјално ранливи категории на граѓани, над 187.000 пензионери, 40.000 земјоделци како и над 70 000 компании. За целиот пакет, од Буџетот се предвидени 662 милиони евра.

Ковачевски најави дека се предвидуваат и субвенции на придонесите за нови и постојни вработени лица за зголемување на нивните плати од 3 до 9 илјади денари, како и 1 милион евра за финансиска поддршка на над 5.000 семејства преку Програмата за енергетска сиромаштија.

Премиерот најави и дека ќе продолжи субвенционирањето на струјата за 611.000 домаќинства и 68 илјади мали потрошувачи, за што се проценува дека ќе бидат потребни 35 милиони евра.

Во соработка со Француската агенција за развој, предвидена е поволна кредитна линија во износ од 50 милиони евра, за поддршка на женско претприемништво, дигитализација и проекти со што придонесуваат за намалување на негативните ефекти од климатските промени и проекти со позитивен придонес за животната средина. Во соработка со Банката за развој на Советот на Европа, планирани се 50 милиони евра за поволни заеми за мали и средни претпријатија создавање и зачувување на работни места, поддршка на женско претприемништво, за зелени инвестиции, додека преку инструментот на ЕБОР за „зелено финансирање“ обезбедуваме поддршка за малите и средни претпријатија, за поединци и домаќинства, да инвестираат во обновливи извори на енергија и иновативни решенија за енергетска ефикасност во висина од 790.000 евра.

Антикризните мерки е предвидено да започнат од декември.