МОН: Од утре аплицирање за субвенциониран студентски оброк за студентите кои не го оствариле ова право

Министерството за образование и наука (МОН) информира дека од утре до 31 декември повторно може да се аплицира за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк. Можат да се пријават сите студенти кои ги исполнуваат условите согласно Законот за субвенциониран студентски оброк, но не успеале да се пријават и / или да го остварат ова право во првиот и вториот рок.

Според МОН, оваа можност ќе биде достапна секој месец и тоа од 20 до 30, односно 31-ви во месецот.

„Пријавувањето за субвенциониран студентски оброк е дигитализирано, односно се спроведува исклучиво електронски преку порталот и многу едноставно, со прикачување на само два документи – пријава и изјава за точност на податоци и се наведуваат податоци за лична трансакциска сметка“, соопштува МОН.

Од таму велат дека субвенционираниот студентски оброк е системско решение уредено со закон, со кое на младите значително им се олеснува животот за време на студирањето односно добиваат по 2.400 денари 9 месеци во годината, средства наменети за купување здрави оброци.

„Право на оваа финансиска поддршка имаат сите редовни студенти запишани на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи кои се државјани на РСМ и кои не се во редовен работен однос, не се регистрирани како индивидуални земјоделци и немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната плата“, велат од МОН.

Досега, како што наведува министерството, правото на субвенциониран студентски оброк го оствариле 27.319 студенти на кои редовно им се префрлаат средства на личните трансакциски сметки.

Инаку, минатиот месец дваесет и седум студенти беа затекнати откако на нивните домашни адреси добија опомена пред тужба со која Министерството за образование и наука побара да ги вратат парите за студентски субвенциониран оброк кои погрешно им биле исплатени во октомври.

Во документот што го сподели „Студентарија“ беше наведено дека во рок од три дена од приемот на опомената, студентите треба да вратат 1440 денари на сметка на Буџетот. Дополнително, студентите требаа да достават уплатница до МОН како доказ.

Претходно, поради грешка во системот за електронски услуги, студенти добија погрешна информација за прекин на правото на студентски оброк иако претходно биле известени дека ги исполнуваат условите. По реакциите во јавноста, од МОН одговорија дека мејловите ги добиле студенти кои групно аплицирале за оброкот. Некои коишто добиле известување дека се одбиени, ги добиле средствата.