МОН: Ниту еден студент нема да го изгуби правото на субвенциониран студентски оброк заради користење семејна пензија

Министерството за образование и наука (МОН) тврди дека на ниту еден студент кој користи субвенциониран студентски оброк, нема да му биде прекинато правото доколку истовремено е корисник и на семејна пензија по основ на починат родител.

„Студентите корисници на субвенциониран студентски оброк, кои истовремено користат и семејна пензија, нема да го изгубат правото остварено преку Министерството за образование и наука. Предизвикот настанат на почетокот на овој месец, кој засегна 181 студент, ќе биде надминат во текот на денешниот ден и студентите ќе ги добијат средствата кои им следуваат согласно закон“, велат оттаму.

Исто така, потсетуваат дека МОН на барање на Националното студентско тело од месец април го прошири опсегот на оваа мерка, така што повеќе работниот статус не е ограничувачки критериум за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк, а истото можат да го користат и студенти од втор циклус на студии.