МОН: Државниот просветен инспекторат ќе го истражува случајот со училиштето „Мустафа Кемал Ататурк“

„Политиката е неприфатлива во образованиот процес“, реагира Министерството за образование и наука за случајот во гостиварското училиште „Мустафа Кемал Ататурк“.

Пред два дена, училиштето сподели фотографии на Фејсбук на кои се гледа како основци, во придружба на своите наставници, под турското знаме, упатуваат војнички поздрав во знак на поддршка на прекуграничната турска воена офанзива, која алудира на таа во Сирија.

„Тоа е апсолутно неприфатливо и секако надлежниот инспекциски орган, односно Државниот просветен инспекторат соодветно ќе постапи и одлучи согласно констатираното за време на надзорот, информираат од МОН.

„Ги повикуваме менаџментите на училиштата, вклучително и на ОУ „М. К. Ататурк“ да се воздружуваат и да спречуваат организирање на било какви активности кои имаат политичка позадина и испраќаат политичка порака. Само така ќе ги заштитиме децата и ќе им овозможиме нормален воспитно – образовен процес кој има најголема улога во нивното оформување и реализирање како личности“, стои во реакцијата на Министерството.

Оттаму потсетија на Законот за основно образование кој забранува и санкционира политичко организирање и дејствување во училиштата.

Своја реакција за случајот имаа и Хелсиншкиот комитет за човекови права и првата детска амбасада „Меѓаши“.

Фотографиите од војничкиот поздрав првично беа споделени на Фејсбук страницата на училиштето, но уште истиот ден објавата беше избришана.

Војнички поздрав од основци и наставници во Гостивар за турската воена офанзива