Хелсиншки: Осуда за злоупотребувањето на учениците од „Мустафа Кемал Ататурк“

Хелсиншкиот комитет остро го осудува злоупотребувањето на учениците од гостиварското основно училиште „Мустафа Кемал Ататурк“ за политички цели.

Радио МОФ вчера објави за случајот, каде неколку стотици основци од училиштето, во придружба на своите наставници, под турското знаме, упатуваат војнички поздрав во знак на поддршка на прекуграничната турска воена офанзива, која алудира на таа во Сирија.

Фотографиите првично беа споделени на Фејсбук страницата на училиштето, но уште истиот ден објавата беше избришана.

Од Хелсиншки посочуваат дека со организирањето на ваквиот настан и иницирањето на ваквото постапување на учениците од страна на наставниот кадар и директорот на училиштето претставуваат директна повреда на чл. 11 од Законот за основното образование, кој забранува секаков вид на политичко организирање и дејствување во основното образование.

„Воедно, чл. 172 од истиот Закон предвидува изрекување на глоба во износ од 1.600 евра во денарска противвредност ако се организира политичко и верско организирање и дејствување и се истакнуваат партиски и верски обележја во основното образование, односно ако се изврши повреда на чл. 11.

И со Законот за заштита на деца експлицитно се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување, а во член 12 став 6 од овој закон е утврдено дека: ,,Државата и институциите на системот се должни да ги преземат сите потребни мерки за да ги обезбедат правата на детето и за спречување на сите облици на дискриминација и злоупотреба без оглед на местото каде што се извршени овие дејствија, тежината, интензитетот и нивното времетраење“, стои во реакцијата на Комитетот по објавата на Радио МОФ.

Оттаму најавија дека за случајот ќе ги известат Државниот просветен инспекторат и Народниот правобранител и ќе ги преземат сите потребни постапки за утврдување на посочените повреди на законите.

Војнички поздрав од основци и наставници во Гостивар за турската воена офанзива

Градоначалникот на Општина Гостивар, Арбен Таравари за Радио МОФ изјави дека општинските служби ќе реагираат за овој настан. Своја реакција имаа и од првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.

„На овој начин се врши манипулација и индоктринација на деца во училиштата во државата. Се користат децата за величање на воени интервенции наместо да ги учат на мирољубиви начини на трансформација на конфликти. Не ги информираат учениците за негативните последици од војните односно за статистиките на загинати деца во конфликтите, ниту за состојбите во кои се нашле децата чии родители загинале во воените конфликти и животот по загубата на родител, или, пак, за животот на родители по загубата на дете во воен конфликт“, изјавија од „Меѓаши“ за Радио МОФ.

Од Министерството за образование и наука се уште нема одговор.