Модераторка која со часови гледала трауматски видеа го тужи ТикТок дека не го заштитил нејзиното ментално здравје

Поранешна модераторка на содржини на ТикТок ја тужи социјалната мрежа и нејзината матична компанија БајтДенс за наводно непреземање мерки за заштита на нејзиното ментално здравје, откако со часови гледала трауматски видеа кои вклучуваат канибализам, силувања, осакатување животни и самоубиства, јавува „Гизмодо“.

Во предложената групна тужба, Кенди Фрејзиер изјави дека модераторите на ТикТок работат со исцрпувачко темпо и се обврзани да прегледуваат стотици видеа дневно со неколку паузи, според Блумберг. Модераторите работат 12-часовни смени, објасни Фрејзиер, а добиваат само еден час одмор за ручек и две паузи од по 15 минути.

И покрај долгите смени, модераторите честопати мораат да гледаат повеќе видеа одеднаш и прегледуваат само 25 секунди од секое видео, рече таа. БајтДенс внимателно ги следи активностите на модераторите и „жестото го казнува секое време кое не се користи за прегледување видеа“, наведуваат медиумите.

Во тужбата се наведува дека ТикТок не се придржувал до индустриските стандарди за заштита на модераторите на содржината, кои вклучуваат нудење чести паузи и психолошка поддршка, наведуваат медиумите. Фрејзиер исто така тврди дека ТикТок не успеал да спроведе технички заштитни мерки, како што е заматување или намалување на резолуцијата на видеата што треба да ги прегледуваат модераторите.

Поради нејзината работа како модератор, Фрејзиер изјави дека развила панични напади и депресија, како и симптоми поврзани со анксиозност и посттрауматско стресно растројство. Таа исто така има проблеми со спиењето и страда од ужасни кошмари кога успева да заспие поради содржината што ја гледа.

Фрејзиер бара од ТикТок да ѝ плати неа и на другите за психолошките повреди што ги претрпеле. Покрај тоа, таа сака судот да ја принуди компанијата да формира медицински фонд за модераторите на содржини.