Мобилни телефони во(н) училишните часови

Смартфоните станаа неизоставен дел од личниот и социјален живот на младите. Ги користат за „скролање“ вести и рилови, играње видео игри, за фоткање, „бинџање“ серии, за комуникација, себепретставување… Во последниве години се случуваат и т.н. предизвици меѓу врсници, а интернетот отвора врата и за сајбер-булинг. Сите овие навики и трендови, помалку или повеќе, учeниците ги носат во школо, па е ставен на тест образовниот систем – или да се прилагодува на дигиталниот живот на младите и ги решава ситуациите во од, или да ги забранува телефоните како мерка против булинг и незаинтересираност на часовите, без притоа младите да добиваат чувство дека тоа им одзема некое право или слобода, туку им помага во едукацијата. Засега, постојат само поединечни протоколи за телефони по некои школи и општини, додека унифициран протокол за цела држава е во фаза на изработка.  

Темата деновиве ја актуелизираше Холандија. Оваа земја забрани мобилни телефони, таблети и паметни часовници во училиштата. Одлуката дојде во консултација меѓу властите, школите и релевантни организации, а би се одвивала до наредната 2024 година, кога ќе се знае дали има потреба од посебен закон што ќе ја регулира материјата. Целта е да не се нарушуваат часовите и да се дигне нивото на образованието.

Од Холандија, дискусијата за оваа проблематика по социјалните мрежи сега се пресели во Македонија – иницијативата Шанса за Центар побара слична одлука и за школите во скопската општина.

„Иако мобилните телефони се неизбежен дел од нашиот секојдневен живот, тие не треба да имаат место во училницата! Широка е употребата на мобилните телефони за време на часовите и во паузите, од учениците, но за жал и од наставниците. Дали ние возрасните, родителите и наставниците, се согласуваме дека мобилните телефони ги деконцентрираат учениците, им попречуваат да се фокусираат на наставата и понекогаш стимулираат агресија и булинг помеѓу соучениците? Каков пример им се возрасните?“, прашуваат од Шанса за Центар.

Според иницијативата што има советници во Советот на Центар, одлуката би требало да има неколку исклучоци, вклучувајќи ги учениците со посебни образовни потреби. Воедно, да не важи за часовите фокусирани на развој на дигитални вештини.

Помалку телефони, повеќе другарство и безбедност 

Ретроспективно гледано, многумина може ќе се присетат дека Здружението за дисклексија „Ајнштајн“ во 2019 го спроведуваше проектот „Вклучи внимание“. Промовирани беа организатори (џебови) за складирање мобилни телефони, наменети за основците од училиштата во Општина Карпош.

Проектот дојде по резултатите од истражување дека речиси 78%  од учениците имаат телефон за време часовите, а многумина ги користат за социјални мрежи, што не е дел од наставната програма.

„Интересно беше што потребата од вакви паноа (џебови) ја увидоа и многу други училишта и постојано не’ бараа за да поставиме и во нивните училишта, меѓутоа за жал тоа беше краткорочен проект кој што не можевме да го имплементираме во другите општини, а интересот беше огромен“, вели Дамјан Николовски, претседателот на „Ајнштајн“.

Од тој проект досега се поминати 4-5 години. Џебовите се’ уште стојат на училниците, а навиките на основците се сменија, тврди Светлана Шајновска, директорка од основното училиште „Вера Циривири – Трена“ од Карпош.

„Во одделенска настава ретко се користат мобилни телефони. Ретко ги носат учениците до 10 години, евентуално тие што се петто одделение, но и тие не ги користат.  Така да, навиките веќе се различни. Вака се подобрува училишната клима и односите на учениците. Нормално, кога не користиш телефон, повеќе другаруваш. Ги усовршуваш социјалните вештини, бидејќи имаш повеќе меѓусебни контакти, повеќе разговараш на одморите. Секако, мобилните се корисни за некои од ИКТ наставните содржини, но под надзор на наставик, за да ги организира во групи, да ‘гуглаат’ што треба, истражуваат, прават извештај и сл. Овој модел е потребен низ цела држава, така ќе се дигне нивото на образованието и ќе делува врз меѓуврсничкото насилство“, смета Шајновска.

Сличен е ставот и на Јадранка Поповски, директорка на ОУ „Братство“ од Карпош. Ја поздравува ваквата иницијатива, бара да се забранат низ цела Македонија, или да се пуштат блокатори од ресорното министерство.

„Пред пандемијата беше во ред (целосно да не се употребуваат), меѓутоа пандемијата не’ научи и на еден нов начин на живот. Сега може да се користат и како наставно помагало. Сепак, како училиште веќе имаме кодекс – за време на редовната настава мобилните телефони не се користат, единствено доколку треба да отвори некој линк“, потенцира Поповски. 

Настава без мобилни телефони постои и во некои училишта во општини како Аеродром и Ѓорче Петров, како и во Куманово, Охрид…  На пошироко национално ниво, пак, рестрикции беа актуелизирани во мај 2023, кога се случија немилите настани со убиствата во училиштето во соседна Србија. Бранот со реакции помина и во Македонија, па Владата усвои сет препораки, со најава дека тие ќе бидат доставени во училиштата, како би се подигнала безбедноста на учениците.

Стручни тимови заедно со центрите за социјална работа, општински совети што ќе работат заедно со средношколците, работни услови за стручните тимови во училиштата, но и токму забрана за телефони на часовите – беа дел од пакетот препораки на Владата. Исто така, најавија нов протокол за да се применува од следната учебна 2023-2024 година.

Министерството за образование (МОН) за Радио МОФ потврдува – тој останува да биде донесен, откако ќе поминат серија консултации.

„Дискусиите на институционално ниво за изработката на овој документ, кој ќе биде задолжителен за сите училишта и ќе ги замени поединечните протоколи, се веќе започнати, а во следните денови ќе започнат и консултациите со другите надлежни институции. По неговото конечно усвојување, протоколот ќе биде презентиран на јавноста“, ни одговорија од МОН.

Како се справува светот?

Ако се погледне светската мапа, различни земји имплементираат различни закони и мерки за телефони во образовните установи. Некаде одлуките се во рацете на самите школи, некаде политиките доаѓаат директно од извршната власт. Нема конечна формула за решавање на ситуацијата во школите, само се приметува дека забраните главно доаѓаат изминативе 5-6 години.

Поголем дел од младите инстаграмџии против одземање на телефоните 

За да добиеме првична слика каков е ставот на младите во Македонија, направивме мала интернет анкета преку нашиот Инстаграм профил. Над половина од анкетираните (скоро 52%) не гледаат потреба мобилните да бидат отстранети од наставата, ниту дека тоа ќе го намали врсничкото насилство (69%). Поголемиот дел од инстаграмџиите одговорија дека во нивните школи нема протоколи за телефони (52%).

Некои од следбениците на Инстаграмот на Радио МОФ ги образложија своите ставови:

„Врсничкото насилство настанува поради недоразбирања кои доцна се сфаќаат, а не заради мобилните телефони“, пишува една следбеничка.

„Би било добро да се отстранат телефоните од училиштата, но тоа би го зголемило насилството“, напиша друг следбеник.

„Врсничкото насилство се базира на класни и физички предрасуди, телефоните се само оutlet за нив“, постираше трет следбеник.

Зборувајќи за сајбер-насилството, новиот претседател на Сојузот на средношколци, Берин Мухамед, во интервју со Радио МОФ неодамна зборуваше токму за иницијатива за да се редуцира употребата на мобилните телефони.

„Пред да бидам младински амбасадор, имав еден проект. Сите статистики беа поврзани со социјалните медиуми. Децата снимаат и постираат некој на часовите. Се зезаат на нечија сметка. Насилството продолжува, кружи. Како решение е добро да имаме пократок рок за да ги користиме мобилните телефони. Додека дојдеме во училница да ги имаме в џеб, ама кога ќе почне часот да се соберат во некоја кутија, па да ги добиеме на одмор, или кога ќе се враќаме дома“, рече Мухамед во интервјуто.

Поголемите студии исто така покажуваат зголемен тренд на сајбер-насилство 

За влијанието на телефоните и сајбер-булингот зборувавме со Ана Попризова, училишен психолог и член на истражувачкиот тим на Студијата за здравјето на младите. Во изминативе 15 години, вели таа, во образовниот процес се ставаше голем акцент на ИКТ во наставата. Додека во минатото користењето на ИКТ беше незначителна, со пандемијата и онајн наставата голем дел од наставниот кадар ги надгради и унапреди своите вештини за работа со компјутер и различни дигитални едукативни материјали.

„Сепак со паметните телефони состојбата е поинаква. Во училиштата не постои прецизна регулатива за нивна употреба. Тие можат да се користат како дигитални алатки, но во најголем дел се користат за комуникација. Често го одвлекуваат вниманието и ја намалуваат концентрацијата на вниманието на учениците, а ја попречуваат и работната атмосфера на часот“, потенцира Попризова.

Во наставните програми, дополнува психологот, за жал не се внесени содржини за одговорно користење на телефоните и многу малку учениците се воспитуваат од родителите или наставниците за нивно безбедно користење.

„Неограничената употреба на мобилните телефони придонесува за изразен степен на сајбер-насилство, бидејќи децата уште од најмала возраст, без воспитување од возрасните се вклучуваат на социјалните мрежи. Родителите и наставниците и самите немаат доволно познавање ниту едукација на тема безбедно користење на мобилни телефони, но и многу ретко ги препознаваат ризиците на кои се изложени децата. Во таква ‘воспитна празнина’ и при непостоење на законска регулатива која ја санкционира злоупотребата на мобилните телефони, многу често децата и младите се жртви на сајбер-булинг“, забележува Попризова.

Дека сајбер насилството е во нагорен тренд покажуваат резултатите од Меѓународната лонгитудинална Студија за однесувањата поврзани со здравјето кај деца на училишна возраст на 11, 13 и на 15 години (ХБСЦ), во која нашата земја учествува веќе 20 години. Истражувањето се спроведе на репрезентативен примерок од околу 5.000 испитаници и донесе загрижувачки податоци, особено ако се погледне како процентите растат од 2018 до 2022 година:

За Попризова нема сомнеж дека во иднина и врз основа на овие резултати во училиштата треба да се воведе на кодекс за мобилни телефони. Во него, според возраста и потребите на учениците и воспитно-образовниот процес би се дефинирале начините на користење.

„Акцент треба да се стави на безбедно и одговорно користење на социјалните мрежи кај девојчињата, односно видео игрите кај момчињата“, децидна е Попризова.

Автор: Бојан Шашевски
Анкета на Инстаграм: Ивана Смилевска
Техничка изработка на инфографици: Мартин Колоски и Даниел Евросимоски