ММФ побара од Ел Салвадор да го укине Биткоинот како официјална валута

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) го повика Ел Салвадор да ја поништи одлуката со која Биткоинот стана официјална валута во земјата.

Претходно, во септември, Ел Салвадор стана првата држава во светот која дозволи потрошувачите да ја користат криптовалутата во сите видови платежни трансакции заедно со американскиот долар.

Оваа одлука доведе до големи протести поради стравувања дека тоа може да води кон нестабилност и инфлација во сиромашната латиноамериканска држава.

ММФ го предупреди претседателот Најуб Букеле за ризиците кои криптовалутата ги носи за земјата, потенцирајќи дека на тој начин ќе биде тешко да се добијат кредити од институцијата.

Кога Ел Салвадор ја воведе оваа криптовалута како официјална валута, владата промовираше и нова апликација во вид на дигитален паричник, со која на секој граѓанин му беше дадено Биткоин во вредност од 30 долари. Ваквата мерка имаше за цел да го подигне економскиот раст и да отвори нови работни места, но истовремено ја подели јавноста.

Биткоинот е контроверзна валута делумно и поради тоа што нејзината вредност може непредвидливо и значајно да флуктуира. Само од ноември минатата година криптовалутата изгуби околу половина од својата вредност.

Претседателот Букеле минатата година најави и план за Биткоин град во подножјето на вулкан во Ел Салвадор, кој треба да биде изграден со користење на криптовалути за финансирање на проектот.