Финска ќе продаде запленети биткоини вредни 75 милиони евра за поддршка на Украина

Финска ќе донира на Украина десетици милиони евра кои ќе ги добијат преку продажба на конфискувани биткоини, информираше финската министерка за финансии.

Финска во моментов има 1.981 биткоини вредни скоро 75 милиони евра според моменталниот курс, кои ги добиле преку заплена од царинските власти при кривични истраги, пренесува Еуроњуз.

„Владата ќе донира десетици милиони евра за помош на Украина благодарение на заработката од продажбата на запленети биткоини од финската царинска служба“, напиша на Твитер министерката Аника Сарико, додавајќи дека ваквата одлука била праведна и соодветна.

Минатата година финските царински служби најавија дека планираат запленетите биткоини да ги стават на аукциска продажба. Најголем дел од овие криптовалути, вкупно 1.666 биткоини, биле конфискувани во 2016 година при истрага поврзана со наркотични средства. Во тоа време нивната вредност изнесувала околу 700.000 евра, додека денеска нивната цена е околу 62 милиони евра.

Иако министерката не кажа која е конкретната сума која ќе биде донирана на овој начин, извори кои зборувале за финскиот весник „Хелсинки Саномат“, информирале дека значителен дел од парите добиени од продажбата на биткоините ќе биде испратена како помош за Украина.

Украина веќе има добиено десетици милиони евра донации во криптовалути по почетокот на руската инвазија од крајот на февруари.