Русија забрани плаќања во криптовалути

Граѓаните во Русија наскоро нема да можат да користат криптовалути или уникатни токени (НФТ) како средство за плаќање, откако претседателот Владимир Путин потпиша закон со кој се забранува нивна употреба за плаќање за добра и услуги.

Според новиот закон исто така се наложува на провајдерите и берзите за криптовалути да одбијат трансакции во кои дигиталните трансфери може да се сметаат како форма на плаќање.

„Забранет е трансфер или прифаќање на дигитални финансиски средства во замена за стока и извршени услуги, како и за било кој друг случај во кој може да се претпостави дека се работи за плаќање за одредени добра преку дигитални финансиски средства“, стои во новиот закон.

Њујорк Тајмс претходно годинава известуваше дека американските власти веруваат дека некои од руските компании зафатени со санкциите против Русија по инвазијата врз Украина, можеби користат криптовалути за да ги избегнат овие ограничувања. Цената на Биткоинот дури и порасна првите неколку дена по почетокот на инвазијата во февруари.

Сепак, руските власти не гледаат премногу наклонето кон овие дигитални валути. Централната банка на Русија повика на целосна забрана на криптовалутите, која најверојатно не се случи бидејќи рускиот министер за финансии се спротивстави на оваа идеја верувајќи дека е потребно да се дозволи крипто-технологијата да се развива.

Законот ќе стапи на сила за 10 дена. И покрај тоа што плаќањето во земјата со криптовалути ќе биде незаконски, тоа нема да биде пречка Русите и понатаму да инвестираат во криптовалути, или пак да ги „копаат“ овие дигитални средства.