Младите од Балканот најдоцна го напуштаат домот на родителите, покажуваат податоците на Евростат

Во 2021 година низ Европската Унија младите го напуштале домот на родителите во просек на 26,5 години. Сепак, оваа возрасна граница драстично варира меѓу земјите, покажуваат податоците на Евростат.

Помеѓу сите европски држави најдоцна младите се осамостојуваат во Португалија (на 33,6 години), Хрватска (33,3 години), Србија (31,4 години), Словачка (30,9 години), Грција (30,7 години) и Бугарија (30,3 години).

Евростат нема податоци за Црна Гора и за Северна Македонија за 2021 година, но има просек за овие држави од пред две години. Во 2020 година просекот во Црна Гора бил 33,3 години, додека во Северна Македонија бил 32,1 години. За Албанија, Косово и Босна и Херцеговина не се достапни податоци на европската статистичка служба. Доколку овие бројки се надодадат на бројките од остатокот од континентот, може да се види дека Балканот е регион каде младите најдоцна започнуваат одвоен живот од родителите.

Од друга страна, минатата година младите најрано ги напуштале домовите на родителите во Шведска (на 19 години), Финска (21,2 години), Данска (21,3 години) и Естонија (22,7 години).

Податоците од Евростат покажуваат и дека мажите подоцна ги напуштаат домовите на родителите во земјите од ЕУ. Просечно мажите започнувале одвоен живот од родителите на 27,4 години, додека жените тоа го правеле во просек на 25,5 години. Овој тренд е регистриран во сите држави.

Целосните податоци може да ги најдете на следниов ЛИНК.