Младинскиот активизам, феминизмот и борбата за права во фокусот на „ENGAGE 2023“

Домашни и странски активисти го зедоа микрофонот на „ENGAGE 2023“ во МКЦ и споделија лични инспиративни приказни на теми од онлајн активизмот, феминизмот и работничките права, па сè до читање слем поезија и борбата за глас на маргинализираните граѓани.

Настанот го отвори црногорската активистка Николина Павиќевиќ, основач на популарната Инстаграм платформа „Критички“. Таа зборуваше за предноста на дигиталниот, наспроти традиционалниот активизам.

„Една од работите што ме прашуваат е „каква промена направи“. Но, моите активности допираат до многу луѓе, како пример за страшни случаи со „Телеграм“. Така се поврзав со една новинарка, која пишуваше, па беа угасени групи на „Телеграм“. Но, дигиталниот активизам носи и негативни работи. Пример, „Rainbow washing“ – капиталистичка алатка која ја користат корпорациите, или „Pink washing“, што исто се користи во форма на активистички натписи, но всушност за тоа се користат маици што ги прават текстилни работнички во ужасни услови“, рече таа во дел од својот говор.

Џералдина Гера Гарсес од Фондацијата АЛДЕА од Еквадор зборуваше за различните видови женски активизам во Латинска Америка. Таа истакна дека не може да се зборува за слобода, мир и развој без учество и глас на жените.

„Сакаме да сме живи. Тоа е активизам против насилство. Во Латинска Америка ние жените сме жртви на многу суров начин. На пример, во Еквадор, на секои 23 часа се случува еден фемицид. 6 од 10 жени биле жртви на насилство. Латинска Америка се смета за втор најсмртоносен регион во светот“, рече Гарсес.

„Ние жените сме половина од светското население. Треба да зборуваме гласно, да комуницираме меѓусебно, да имаме пристап до информации за нашите права и треба да препознаеме дека сме различни – ние сме сите жени, но сите сме различни, и од различноста треба да научиме како ќе ја градиме родовата еднаквост која уште ни се чини многу далечна“, додаде таа.

На „ENGAGE“ слем феминистичка поезија читаше Аделина Тершани од Косово, која исто така зборуваше за проблемот со фемицидот.

„Жените во Косово не се добро претставени и пазарот на трудот и само 20% од жените се вработени. Тие најчесто прават неплатена работа и семејството не го препознава тоа. Гледаме дека ситуацијата се подобрува заради младите луѓе и феминистичките движења. Тоа не прави да се чувствуваме подобро и важно ни е да бидеме гласни зошто знаеме дека промената ќе биде спора“, рече Тершани.

Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“ објасни како од мала организација прераснале во влијателен фактор за заштита на правата на работничките.

„Денеска сме една од најактивните организации кога се работи за работниците од целиот приватен сектор. Попризнаени сме надвор од државата. Во Македонија ги направивме првите штрајкови по многу долг период, покренувавме кривични пријави против работодавци. Даваме бесплатна правна помош. Само за короната дадовме помош над 12.000 работници, со што го зацврстивме својот легитимитет. Исто така, над 450 тужби добиени од 2014 година. Затоа, порака е дека не треба да траете над неправдите! Порано не смееше да се збори за газдите, а сега текстилните работнички се охрабрени“, рече Ампева.

Христина Божиновска Ѓикова од Здружението на глуви и наглуви „Млад Знак“ потенцираше дека глувите лица во Македонија се разбудиле и активно учествуваат во социјален активизам.

„Имавме повеќе акции, но посебно можам да го истакнам проектот „Мое здравје“, преку кој се вработија толкувачи на знаковен јазик, кои помагаат на глувите и наглувите лица во комуникацијата со лекарите. Доаѓам од семејство каде сите сме глуви. Сè додека не се случи „Мое здравје“ морав да барам некој да ми излезе во пресрет. Но кога овие толкувачки почнаа да работат во здравството на сите ни олесна. Мора да потенцираме дека во меѓувреме ни се случи една лоша работа. На една од толкувачките ѝ го раскинаа договорот и се` уште се бориме таа да се врати на нејзината работа“, сподели Божиновска Ѓикова.

Леон Шумански од колективот „Гола планина“ во својот говор се фокусираше на младите уметници и борбата против скептицизмот.

„Сфативме дека многу културата е централизирана во Скопје, па прашавме како да ја однесеме надвор од Скопје. Исто така, сфативме дека нашата сцена нема доволно структура за музичка индустрија. Хендикеп беше што се прави и филтер, се прави „меур“ од металци, рапери, рокери, сите со посебни сцени. Рековме, дај да се споиме сите, да направиме нешто заеднички, нешто големо. Тоа е нашата мисија. Сите може да се здружиме, фотографи, новинари, промотери, букери… сите заедно активно да работиме на овој процес, кој ќе биде долг, чекор по чекор, но корисен за сите нас“, рече Шумански.

Во рамки на овогодинешното издание на настанот за социјален активизам „ENGAGE“, присутните учествуваа и во неколку работилници – реупотреба на стара облека со техника на сито принт организирана од „Партизанска штампа“, техники за справување со стрес и дишење со СиФу Предраг Петрески, како и техники за прежувување на планина со експерти од Планинарски Клуб „Македон“.

Вечерта беше посветена на „ENGAGE: Тhe night“, која беше преземена од „Гола Планина колектив“. Четири часа присутните уживаа во музиката на надоаѓачките млади бендови: „КЕМ“, „Zanadu“, „The Ooz“, „Niandra“, „Sivert“ и „Rend“.

„ENGAGE“ е единствениот собир за социјален активизам во Северна Македонија. Ова беше 12 година како домашни и странски активисти споделуваат знаења и искуства на теми поврзани со граѓанска ангажираност, култура, социјална промена, човекови права, дигитална демократија, слобода на говор, активизам и медиуми.

Преку „ENGAGE“, МОФ и Радио МОФ се стремат да го подигнат нивото на информираност на граѓаните, нивната присутност и активно делување, како онлајн, така и во физичкиот простор. Со програмата, „ENGAGE“ обезбедува едукација, интеракција и инспирација за индивидуи, групи и организации чија цел е да го подобрат општеството во кое живееме.

„ENGAGE“ е поддржан од National Endowment for Democracy.

Фотографии: Радио МОФ