Млади ќе креираат стрипови за меѓуетнички дијалог и борба против дискриминација

Стрип центарот на Македонија од Велес започна со имплементација на проектот „Да и дадеме шанса на инклузијата“ од вториот отворен повик на Младинскиот меѓукултурен уметнички фонд во рамки на програмата „Градиме нови мостови“ на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, пишува новинската агенција Мета.

Целта  на проектот е да се зајакне капацитетот на младите луѓе без разлика на етничките разлики да користат стрипови како соодветна културна алатка за промовирање на меѓуетнички дијалог, граѓански вредности и борба против дискриминацијата.

Од Стрип центарот информираат дека ќе биде организирана четиридневна едукативна стрип-работилница во село Нежилово, на која ќе учествуваат 12 млади таленти од различни етнички и географски средини, кои заедно со координатор и едукатор треба да ги доработат и усовршат своите стрипови.

„Од подготвените дела ќе се публикува каталог каде ќе бидат објавени стриповите, а ќе бидат претставени и младите автори. Ќе се организираат и пет изложби во различни етнички и географски средини од државата. Освен делата од оваа стрип работилница, ќе бидат претставени и најдобрите дела од наградниот стрип конкурс на иста тема чии резултати ќе се објават наскоро“, информираат од Стрип центарот.