Министерството за економија ја одзеде лиценцата на „Беса-Травел“

Министерот за економија, Крешник Бектеши, информираше дека донел Решение за одземање на лиценцата на „Беса-Травел“, подружницата на „Беса-транс“, чиј автобус во ноември минатата година се запали во Бугарија и загинаа 45 патници.

Бектеши на Фејсбук напиша дека Државниот пазарен инспекторат извршил три вонредни инспекциски надзори во „Беса-Травел“ при што констатирале дека овој трговски субјект не обавува дејност.

„Државниот пазарен инспекторат постапувајќи по наше барање има доставено Известување бр. 09-26-51 од 11.01.2022 година со кое информира дека Правниот субјект не обавува дејност, односно канцелариите се затворени и во истите не може да се изврши инспекциски надзор по што како министер за економија донесов Решение за одземање на Лиценцата“, напиша Бектеши.

Министерот истовремено ги повика граѓаните кои ќе патуваат да проверат со кои туристички агенции патуваат, односно дали имаат важечки лиценци за работа издадени од Министерството за економија.

Телевизија Телма вчера објави прилог во кој пренесоа дека комбиња кои порано припаѓале на „Беса-Транс“ и понатаму возат низ земјава но под друго име.

На 23 ноември 2021 година 45 лица, најголем дел македонски државјани, трагично загинаа откако автобусот со кој се враќале од Труција се запалил на бугарскиот автопат „Струма“. Меѓу жртвите беа и 12 малолетни лица, а 7 лица ја преживеаја несреќата.

Ден по несреќата Министерството за транспорт и врски (МТВ) соопшти дека на компанијата „Беса-транс“ и се одзема лиценцата за работа, односно се забранува вршење на дејност, но и потсетија дека изгорениот автобус во Бугарија не бил пријавен за меѓународен превоз, ниту пак за друг вид јавен превоз на патници.