Скулптура во метал, дело на гостиварскиот уметник Џезаир Реџепи, ќе стои на левиот брег на реката Вардар во Гостивар. Ова дело со висина од речиси пет метри стана сопственост на општина Гостивар по потпишување на меморандумот помеѓу локалната самоуправа и авторот.
Скулптурата е наречена „Метафора на слободата“, а идејата на авторот е да ги поттикне и мотивира останатите уметници да творат уметнички дела за отворен простор, со цел да се создаде попријатен амбиент и издигнување на културно ниво, објави gostivarpress.
„Иако во Гостивар има многу уметници, сепак нема многу уметнички дела на отворен простор. Сметам дека со уметност се облагородува просторот во кој престојуваме, особено кејот на Вардар и тој да стане своевидно уметничко катче“, вели Реџепи.
Инаку, Џезаир Реџепи е роден 1983 година, во горнореканското село Тануше. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Тетово, а работи во Конзерваторскиот центар во Гостивар. Имал неколку самостојни изложби, а активен е со учества на домашни и меѓународни ликовни колонии и уметнички манифестаци.
Фото: Gostivarpress.mk