„Месење леб“, „Леб рецепт“ – во Македонија масовно се „гуглаат“ рецепти за домашен леб

„Рецепт за леб“, „Домашен леб рецепт“, „Леб рецепт“, „Домашен леб“ и „Месење леб“. Ова се најбрзорастечките термини, според податоците во 15 часот, кои во изминатиот ден се пребарувале од Македонија на Гугл. Некои од овие пребарувања пораснале и за повеќе од 5000%, додека другите забележуваат раст од околу 100 до 250 отсто.

Во меѓувреме, во најпопуларни термини кои се пребарувале во изминатите 24 часа влегува и терминот „апарат за леб“.

Податоци во реално време за најпопуларни пребарувања поврзани со терминот „леб“ во изминатите 24 часа

Ваквите податоци доаѓаат во време кога Владата ја замрзна цената на белиот и полубел леб на 33 денари, во тежина од 450 грама и повеќе, како и цена до 33 денари за лебот со тежина под 450 грама, односно цена што ќе биде во сооднос со тежината на лебот.

Пекарската индустрија претходно се закани ќе го запре производството и испораката на леб, а од утрово низ маркетите се забележува недостаток на овој основен производ.

Лебот не смее да чини над 33 денари, Владата ја замрзна цената и ја укина субвенционираната струја за компаниите