Дизајнер го купил интернет домејнот на Гугл во Аргентина за 2 евра

Веб дизајнер успеал а го купи домејнот на компанијата Гугл во Аргентина (google.com.ar) по цена од само 2,30 евра.

30-годишниот Николас Курона, вели дека домејнот го купил случајно, на сосема вообичаен и легален начин, пренесува Би-Би-Си.

„Никогаш во животот не сум сонувал дека ќе можам да го направам тоа“, изјавил Курона.

Тој една вечер, додека седел на својот компјутер и дизајнирал веб-сајт за потребите на клиент, видел пораки дека сајтот на Гугл е паднат.

„Внесов google.com.ar и не се отвораше. Помислив дека нешто чудно се случува“, објаснува Курона.

Веднаш потоа, дизајнерот се упатил на официјалниот сајт за регистрација на интернет страници со аргентински домејн и забележал дека адресата на Гугл се наоѓа на продажба. Иако помислил дека е невозможно да успее, продолжил со следните чекори и најпосле добил известување за успешно купување.

„Се замрзнав кога погледнав во екранот и видов дека кога внесувам google.com.ar излегуваат моите податоци. Сакам да истакнам дека немав лоша намера, и само сакав да проверам дали навистина е можно да се купи овој домејн“, заклучува аргентинскиот веб-дизајнер.

Од службите на Гугл за Аргентина соопштиле дека нивниот домејн кратко време бил во туѓа сопственост, но набрзо успеале да ја вратат контролата на оваа интернет адреса.