Меѓаши: Одржана конференцијата „Велес – општина посветена на децата“

Претставници на локалната самоуправа, образовни институции, детски градинки, јавни институции денес на конференцијата „Велес – општина посветена на децата“ дебатираа на прашања поврзани со поттикнувањето на детското учество во планирањето и носењето одлуки.

На конференцијата која се одржа во велешката Европска куќа во неколку сесии говореа повеќе панелисти. Беа опфатени теми од областа на градењето на детските права во современата локална самоуправа, улогата и вклученоста на децата и младите во локалната самоуправа и нивните активности во Младинскиот центар Велес, улогата на воспитно-образовните институции и инклузијата на децата со попреченост. На конференцијата се говореше и за предизвиците при решавање на детското претстапништво, врсничкото насилство и дискриминација на детските права.

Во своето воведно обраќање претседателот и основач на Првата детска амбасада во светот Меѓаши, Драги Змијанац ја истакна потребата од детектирање на вистинските потреби и проблеми на децата во локалната заедница и нивно конструктивно решавање во соработка со надлежните институции.

Градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев истакна дека општината е отворена за сите потреби и проблеми на децата и младите во градот, преку континуирана непосредна комуникација со нив:

„Општина Велес во изминатите две години и половина навистина сериозно и посветено се вложи во градење инфраструктура за развој на психофизичкиот и социјален развој на децата. Се работеше на подобрување на условите во училиштата и градинките, се реконструираа и изградија голем број на детски игралишта и спортски терени во градот, но и во руралните средини, се уредија зелени површини за одмор и рекреација. После подолго време се посветивме и на зголемување на содржината за деца – се организираа бројни театарски претстави, фестивали, работилници и натпревари на актуелни теми, спортски игри, детска програма во рамки на постоечките и новосоздадени фестивали итн. Не само што децата и младите можеа да уживаат во богата програма, туку неретко и самите беа учесници и креатори. Но, она на што сум посебно горд е редовната посредна комуникација што секојдневно ја остварувам со нив преку организирани посети и други настани, преку кои децата се запознаваат со јавните дејности во Општината (Градоначалник, Sовет, пожарна) и имаат простор да ги изразат своите мислења, потреби и идеи. Само така можеме да изградиме здрави поколенија и Општина по мерка на децата“, истакна Колев.

Фото: Меѓаши

Претставниците од Општина Кисела Вода говореа за можноста за унапредување на меѓуопштинската соработка и размена на идеи, реализација на заеднички проекти и меѓусекторско вмрежување во насока на создавање општини по мерка на децата, како и  за континуираното вложување во подигнување на квалитетот на воспитно – образовниот процес, подобрувањтое на условите во училиштата и градинката и поддршката на децата од семејствата во социјален ризик. Посебен акцент дадоа на формите на организирање и можноста децата да одлучуваат.

Посебен акцент на правата на децата дадоа Михаил Здравковски, – ученички правобранител во ООУ„Блаже Конески“ и Изабела Димков, Претседател на училишниот парламент во ООУ„Васил Главинов“. Тие се осврнаа на правата на децата, улогата на општината во нивното унапредувањето, како и за нивните очекувања.

По конференцијата се формираа општински панели кои треба да обезбедат структурирана и фокусирана работа поврзана со правата на децата и донесувањето на локалните стратешки планови, истовремено да овозможат креирање на стратешки план за Општина Велес, со цел унапредување на правата на децата и нивно вклучување во локалното планирање.

Општина Велес е една од петте општини кои се вклучени во проектот „Место за растење: општини посветени на децата“, што го спроведуваат Првата детска амбасада во светот Меѓаши и Центарот за семејно и детско згрижување КМОП Скопје, а е финансиран од Делегација на Европска унија во рамки на локалните шеми за демократија и човекови права.