Повеќе од 350 емоционално вознемирени деца и млади се обратиле на телефонот за поддршка „Ало Бушавко“ во 2023 година

379 деца и млади, од кои 251 засегнати од емоционална вознемиреност, минатата година се обратиле на телефонската линија за поддржување, насочување и лобирање деца и млади „Ало Бушавко“ при Првата детска амбасада во светот Меѓаши.

„Емоционалната вознемиреност поврзана со страв и проблеми со расположението е одговор на повеќе различни причини поради кои бил остварен контактот. Најчесто причинител за ваквата психолошка состојба кај децата во дојавите што ги добивме е односот на родителите што произлегува од бракоразводите, неусогласеноста на родителите за гледање со детето, односно неостварување контакти и средби на еден од родителите со детето или децата по разводот“, истакнува тимот на „Ало Бушавко“.

Дополнително, велат тие, како причина за емоционална вознемиреност се појавуваат и односите во образовниот процес, односно врсничките односи и односите со наставниците.

Од децата и младите, 117 се машки, 107 девојчиња, а за 155 деца полот е непознат. Најмногу од дојавите се однесувале на деца на возраст од 13 до 15 години. Најголемиот број од децата или 197 живеат во урбана средина, а 230 од вкупниот број се Македонци, 33 Албанци и 14 Роми.

Извор: Меѓаши

Жртви на повреда во најразличен облик биле 158 деца или 22%, односно имало 52 дојави за ментално насилство, 40 за физичко насилство, 18 за булинг, 17 за занемарување и 3 за злоупотреба на детски труд.

„На трето место, со 15% се опфатени дојавите кои се однесуваат на категоријата семејни односи со прекршување на правото на детето при бракоразводни постапки и непочитување на решенијата од центрите за социјална работа, по основ правото на контакт или средби на детето со другиот родител кој не е старател.

„Ова е алармантна бројка која се повторува низ годините наназад што ни укажува дека треба да се спроведат дополнителни мерки и едукации преку советодавна работа на родителите при нивната разделба“, алармираат од Меѓаши.

Извор: Меѓаши

Исто така, оттаму информираат дека е зголемен и бројот на дојави за самоубиствени мисли и самоубиство – вкупно 10 во периодот септември/октомври.

Тимот кој е достапен 24 часа секој ден во годината, составен од волонтери – студенти во завршните години, психолози, педагози, социјални работници, психотерапевти и наставници, истакнува дека почувствувале голем страв, очај и болка во повиците.

Во Македонија не постои ниту еден канал/медиум/инситуција која интензивно работи и ја обработува темата: Самоубиство и Суицидални мисли. Најблизок канал за дојави од ваков тим има на СОС линијата за превенција од самоубиство во соседна
Србија. Како што посочуваат од Меѓаши, не постои ниту еден прирачник и/ или водич како да се постапува во случаи на дојава на самоубиствени мисли и/или обиди за самоубиство.

Ваквата слика е уште еден индикатор дека мора да се работи на превенција на оваа тематика која е повеќе од очигледна дека постои во заедницата како и отворено да се разговара со децата, младите, родителите, наставниците не само за подигнување на свесноста за истата туку и за едукација кои механизми да се употребат за да се спречи“, наведува тимот зад телефонската линија.

Оттаму информираат дека била обезбедена директна помош или поддршка на 66 деца. Биле дадени препораки на 244 деца и млади, информации за контакт на соодветната институција во кои се опфатени 125 деца, 116 деца или млади биле упатени до други организации или институции, додека 103 деца се упатени до агенции/институции надлежни за спроведување на законот.

„И покрај тоа што бројот на деца кои нè контактирале не е голем, сепак споредено со минатите години се забележува поголем број деца и млади кои директно нѐ контактираат“, посочуваат од „Ало Бушавко“.

Целосниот извештај може да го најдете на следниов линк.