Медиумска писменост од есен во училиште, но требаат и разни простори за критичко размислување на младите

Со критичко мислење се создава медиумска умешност кај граѓаните, па затоа е потребна медиумска писменост уште од најмала возраст. Истовремено, медиумската писменост не треба да биде „заглавена“ само во неформалното образование и кај граѓанските организации, туку да добие поддршка од сите институции, академски и културни установи. За да се развива критичкото размислување – требаат и повеќе простори за младите, каде би биле ослободени од авторитети и би добиле соодветни знаења и вештини.  

Дел од овие прашања денеска беа актуелизирани на конференцијата „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност“, организирана онлајн од Фондацијата „Метаморфозис“ и „Евротинк“.

Министерката за образование Мила Царовска, зборувајќи за лажните вести како светски феномен, рече дека со партнерите сакаат да создадат генерации што се многу посилни во знаењата и алатките за нивно справување.

„Се залагаме во новата Концепција за основно образование, во 1 и 4 одделение наредната година, медиумската писменост и критичкото размислување да бидат основниот столб и да бидат интегрирани во сите предмети. Можноста за анализа и проверка на повеќе видови содржини да биде во континуитет спроведувана кај сите наставни единици“, рече таа.

Според Царовска, интензивно се работи и на подготовка на наставниците, кои и самите некогаш се таргет на лажни вести.

„Заедно со Светска банка, во наредниот период ќе се работи и на наставните студиски програми на педагошките факултети, кои ќе образуваат наставници подготвени за реализирање на новите наставни програми“, потенцираше министерката.

Билјана Петковска од Македонскиот институт за медиуми нагласи дека не постои држава во Европа и развиените земји кадет медиумската писменост не е високо во приоритетите и политиките. Истражување за состојбите во Западен Балкан, објавено пред 2 години, покажало дека најангажиран и најпосветен актер во оваа област се граѓанските организации.

„Потоа се државните институции, пред се’ регулаторите за електронските медиумите, па училиштата, истражувачите од академската сфера, како и специјализирани портали и дигитални платформи фокусирани на разни аспекти од медиумската и информациската писменост“, рече таа.

Од друга страна, помалку активни се покажале медиумите, филмската и информациско-комуникациската индустрија и библиотеките.

Таа смета во последните години е унапредена соработката на граѓанското општество со институциите. Исто така, преземени се и чекори за планирање на медиумската писменост во формалното образование. Сепак, вели таа, останува потребата за постратешки пристап на државно ниво. Координација во образованието и информатичкото општество, но и зајакнување на соработката со граѓанското општество, особено со јавниот сервис.

„Мојот заклучок е дека медиумската писменост има огромен еманципаторски потенцијал во нашето општество. Тој потенцијал треба да се искористи, но за тоа е потребна искрена волја и посветеност од сите, пред се’ од политичките актери во земјата“, рече Петковска.

Стефани Спировска, претседателка на Младински образовен форум (МОФ), рече дека преку „Проект за младинско изразување“ се осврнале на просторите за критичко изразување на младите, обезбедување ресурси за нивно информирање, врсничка едукација, младински клубови… Се’ со цел паралелно да се зголеми и нивото на медиумска писменост.

Спировска потсети и на истражување за социјалниот капитал. Тој снагнира, вели таа,  ако се споредат слични резултати правени пред една деценија.

„Како општество сме потфрлиле да го унапредиме развојот на младите и да го зголемиме нивниот социјален капитал. Ова значи, ако пред 10 години на средношколците им претставувало предизвик или се чувствувале попречени да станат и да ги кажат своите ставови – тоа се случува и денес. Само еден од четворица средношколци станува и се спротиставува на ставовите во неговиот клас. Уште помалку кога станува збор кон некакви авторитети, дали се тоа родители, во општината или пак во училницата“, рече таа.

Понатаму, нагласи Спировска, остануваат исти капацитетите за распознавање на содржини на медиумите, на младите за создавање на заеднички акции, па, за жал, вели таа, младите се поделени на оние млади што се чувствуваат охрабрени самите да делуваат преку социјални акции, и млади кои не можат да ги пронајдат тие начини и да ја направат промената.

Весна Глиговоска од Фондацијата „Метаморфозис“ ги посочи социјалните мрежи како платформа каде младината, но и генералната публика, сака да гледа медиумски прилози, видео и аудио материјали за медиумската писменост.

Тоа го покажале и последните проекти поддржани од Европската комисија.

„Тие (медиумските производи) објаснуваат како публиката и гледачите да се заштитат, како да научат нешто повеќе за манипулациите и да станат повешти во тоа што се вика критичко размислување и медиумска писменост“, нагласи Глигороска.

Главната уредничка на Првиот програмски сервис на МРТ, Анета Андонова тврди дека во јавниот сервис прават сè, кога е во прашање медиумската писменост и критичкото мислење. Како јавен сервис, вели таа, задачата им е на гледачите да им понудат информативни, едукативни и забавни содржини.

Истовремено и негување на творештвото, квалитет, разновидност и веродостојност.

„Но, со дигитализацијата и појавата на онлајн медиуми, традиционалните медиуми се мачат, бидејќи се доцни за да се провери веродостојноста на информациите се доцни. И, тука паднавме пред граѓаните“, вели таа.

„Напливот на информации, нè удави сите. Степенот на развојот на демократски општества се мери се медимската писменост, колку сте по пописмени толку сте поразвиени“, заклучи Андоновска.

Националниот координатор за стратегиски комуникации во Владата, Марјан Забрчанец рече дека во 2019 година воспоставиле платформа – Акциски план за справување со дезинформации, кој е во форма на „драфт“, бидејќи тој е постојано отворен.

„Владата направи и исчекор кон транспарентноста на институциите, со постојана продукција на информации и факти, за да не бидат притискани и потсетувани за одговорат, туку самоиницијативно да изнесуваат податоци“, тврди тој.

Говореше и за потребата за промена на јавниот наратив, односно проактивност наместо реактивност. „За“ она што се залагаме, а не „против“ она што се залагаме кон центрите што шират дезинформации.

Повика медиумските организации да поведат уште повеќе иницијативи за медиумска писменост и критичко размислување, а апелираше и Академијата да ги ревидира курикулиите за новинарство, кои биле застарени од 20 век.

Од учесниците на конференцијата беше укажана и потребата да се прошири медиумската писменост во разни сектори, повеќе да се вклучат и наставнците во обуките за медиумска писменост. Како позитивен момент e што бројката на членови во Мрежата за медиумска писменост е зголемена од 35 на 63 членови.

Бојан Шашевски