МЕД распиша повик за поддршка на млади еколози – „ д-р Љупчо Меловски“ 2023

Од Македонското еколошко друштво (МЕД) информираат дека е отворен повикот од Програмата за поддршка на млади екологисти – „ д-р Љупчо Мелоски“ 2023, преку финансирање на мали и средни грантови.

Од еко-друштвото посочуваат дека целта на овој повик е да се охрабрат млади истражувачи самостојно да планираат, спроведуваат, известуваат и донесуваат заклучоци на научни проекти. Сите млади еколози се очекува да работат со ментори кои ќе обезбедат поддршка и надзор.

Краен рок за поднесување на предлог проектоте за мали грантови е 15 декември, додека за средните грантови рокот е до 22 декември.

„Како и во претходните години предност за финансирање и поддршка ќе имаат проекти кои се занимаваат со истражување на биолошката разновидност, но и проекти од областа на заштита на животната средина и кревање на јавната свест. Очекуваме дека раководителот на проектот ќе биде млад истражувач, до 26 или до 30 години за мали, односно средни грантови, со или без искуство во проблематиката на проектот“, истакнуваат од МЕД.

Од таму дополнуваат дека ќе се земе предвид и учеството на раководителот во други проекти, размена на студенти, учество во студентски истражувачки акции, екошколи, објавени трудови, учество на научни и стручни собири и сл.

Раководителот на среден грант треба успешно да има спроведено мал грант од оваа програма или да достави потврда за успешно спроведен проект сличен по обем на мал грант.

За сите дополнителни детали прочитајте го упатството на следниот линк.